Единствено нешто што е за поздравување од страна на власта е што прифатиле јавните претпријатија со водостопанска дејност да добијат повластена цена на електричната енергија, додека другите мерки се гола козметика, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Новиот предлог сет мерки за стопанството кои СДСМ ги најавува не верувам дека ќе помогнат. Напротив мислам дека тој нема воопшто да значи нешто посебно за граѓаните, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Единствено нешто што е за поздравување од страна на власта е што прифатиле јавните претпријатија со водостопанска дејност да добијат повластена цена на електричната енергија, додека другите мерки се гола козметика“,
потенцираше Мицкоски и го повика владејачкото мнозинство да ги поддржи предлог мерките на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот кои значат вистинска помош за граѓаните и стопанството.
Тој додаде дека единственото кое што го поздравуваат е што конечно е прифатено да сите оние јавни претпријатија кои што се занимаат со водостопанска дејност, тука ги вклучија и пречистителните станици и канализациите, да добијат цена на електрична енергија која што ќе биде како што тие ја нарекуваат повластена, откако пред неколку години ги извадија на слободен пазар и ги оставија на милост и немилост на трговците, и тоа директно беше на штета на граѓаните.
„Тоа е добро и ја поздравувам одлуката тоа што конечно го прифатија зошто ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше и на тој начин ќе се намалат сметките на граѓаните и на стопанството за вода и за услуги кои ги нудат пречистителните станици. Тоа е многу добро и тоа го поддржувам. Но, се останато веќе видовме дека е гола козметика“,
кажа Мицкоски.
Како ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, предложивме сет на мерки кои што во парламентот пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на дневна основа ги промовира.
„Внимателно следете ги бидејќи тоа е вистинското што им е потребно на граѓаните во овој момент и во таа насока јас очекувам да се движи владејачкото мнозинство и заедно да изгласаме поддршка за младите, пензионерите и за сите оние целни групи кои што се опфатени со мерките на ВМРО-ДПМНЕ, да го изгласаме викендот без ДДВ за основните прехранбени производи. Го слушнав Ковачевски дека тој проект не бил на ВМРО-ДПМНЕ, туку на ЛДП, па еве нека е така, ги повикувам двата пратеника да се потпишат на предлог амандманите, нека биде на ЛДП, не мора да е на ВМРО-ДПНМНЕ, само да го изгласаме и да направиме нешто добро за граѓаните“,
нагласи Мицкоски.