Реакцијата на премиерот се однесува на критиките што претходно денеска ги изнесе лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со надворешната политика што ја води Владата, меѓу другото, и за гласањето на земјава за резолуциите на ЕУ и САД во ОН
СДСМ има најмалку кредибилитет да зборува, особено за нашата меѓународна активност и за нашите релации со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, вели премиерот Христијан Мицкоски во врска со критиките што претходно денеска ги изнесе лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со надворешната политика што ја води Владата, меѓу другото, и за гласањето на земјава за резолуциите на ЕУ и САД во ОН.

Според Мицкоски, на опозицијата ѝ пречи што власта има, како што рече, исклучително добра соработка со новата администрација на САД, откако претходно била обвинувана дека е проруска, анти-НАТО и анти-САД.
„Да, бевме коспонзори на резолуцијата на САД заедно со уште неколку држави – Израел, Унгарија и Грузија – и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција бидејќи помина на Советот за безбедност, каде што останатите членки коишто се постојани, но и оние членки коишто се менуваат не гласаа против, ја поддржаа, што значи дека ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор застана и нашата македонска влада. Во меѓувреме, кога резолуцијата дојде на гласање, на самото Собрание беа поднесени неколку амандмани. Најголемиот дел беа одбиени, еден беше прифатен. Тогаш, предлагачот го има тоа право, САД со кои целосно бевме искоординирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано“, изјави премиерот во врска со гласањето на С Македонија за резолуциите за Украина во Генералното собрание на ОН.
Коментирајќи ги критиките упатени од Филипче во врска со начинот на кој Владата ја води надворешната политика на земјава, Мицкоски упати порака до опозиционерите дека додека не ја променат оптиката и не се разбудат од сонот дека се во опозиција, како што рече, уште долго ќе останат таму.
„Жалам што политиката од оптика на топлите и песочни плажи и политиката од оптика овде во Македонија не е иста, па можеби некој од опозициските лидери сè уште живее на топлиот песок и гледа со тие наочари и таа оптика. Сè додека не ја променат оптиката и додека гледаат од оптика којашто е својствена за песочните плажи на некои егзотични места, а не реалноста којашто ја оставија во Македонија, уште долго ќе бидат во опозиција“, додаде Мицкоски.
Претходно денеска, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека со последните случувања, особено за гласањето на земјава за резолуциите на ЕУ и САД за Украина, Владата покажала дека нема ниту стратегија ниту координација, а оти надворешната политика ја води исклучиво на импровизација и на лична проценка на премиерот.