„Можам да кажам дека неколкукратно подобро се справивме, во сите параметри и во сите споредби“, изјави денеска премиерот одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Кочани
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека македонскиот систем институционално подобро се справил со трагедијата во Кочани отколку швајцарските институции по пожарот во барот во Кран-Монатана.

Мицкоски ова го кажа за време на денешната посета на Кочани, каде што од утре почнуваат тридневните настани поврзани со одбележувањето на една година од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Тој во Кочани денеска беше во увид на неколку градежни активности во градот, а од медиумите, меѓу другото, беше прашан и за тоа дали смета дека како Влада добро се справиле со трагедијата.
Премиерот рече дека не сака да изгледа некрофилски при правењето споредба меѓу два лоши настани и додаде дека сепак ќе даде целосен одговор на прашањето.
„Видете, апсолутно да, но кога правите споредба на лоши настани изгледате некрофилски. Јас не сакам бидам и да изгледам некрофилски, но ќе дадам целосен одговор на вашето прашање, затоа што ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме, со она што се случи во Кран-Монтана, во Швајцарија, можам да кажам дека неколкукратно подобро се справивме, во сите параметри и во сите споредби“,
кажа премиерот.
За жал, додаде тој, не постои начин како да ги вратиме тие што, како што кажа, не се повеќе со нас.
Сепак, како што повтори, од аспект на системска реакција, македонските институции подобро одговориле отколку швајцарските по пожарот во познатото зимско одморалиште.
„Од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан со оној настан што се случи во дискотеката во Кран-Монтана во Швајцарија, неколкукратно подобро, верувале или не, македонскиот систем, македонските институции реагираа подобро отколку системот во Швајцарија и институциите во Швајцарија. И тоа се бројки“,
кажа Мицкоски.
Пожарот во Кран-Монтана се случи на новогодишната ноќ и во него животите ги загубија 40 лица, а 119 беа повредени. Според извештаите, настана од прскалки со кои биле украсени пијалаци, што довело до палење на плафонот. За случајот беше отворена истрага против сопствениците на објектот, кои беа притворени.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што се случи рано утрото на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. За случајот Обвинителството отвори неколку истраги, од кои првата за пожарот резултира со 35 обвинети за кои во тек е судска постапка. Обвиненија има и за 25 полициски службеници на кои ќе им се суди во три одделни процеси, а во фаза на истрага е предмет во кој се осомничени службеници на Управата за јавни приходи (УЈП) поврзани со т.н. кабаре во Кочани.

Утре со повеќе настани ќе почне тридневното одбележување на трагедијата во Кочани. Меѓу другите во организација на Владата ќе се одржи Меѓународна конференција насловена како „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани една година потоа“. Целта, како што завчера информира владината портпаролка Марија Митева, е да се направи една сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата, од првичната интервенција и спасувањето животи до долгорочниот третман, рехабилитација и системските решенија за подобра подготвеност при кризни ситуации. Таа ќе обедини претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.
Вчера во Собранието се одржа комеморативна седница по повод годишнината од трагедијата, на која свое обраќање имаше претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, во кое рече дека дури и по една година тешко е да се изберат зборови, а уште потешко е да се изговорат.
Обраќајќи им се на родителите на загинатите, собранискиот претседател ги увери дека нивната болка ја споделува целото општество, а споменот на нивните најмили е дел од колективна совест. Трагедијата во Кочани, додаде Гаши, нека биде последната во земјава, но нека биде и водич кон праведна држава.
„Со највисока почит кон секој изгубен живот и со молитва Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечноста. Нека е вечен нивниот спомен“,
рече Гаши.
Дел од родителите на загинатите деца во „Пулс“ по комеморативната седница изразија разочарување од пратениците, но и од институциите, од кои, како што рекоа, очекувале дека после една година од трагедијата ќе изразат поголема почит, а не да излезат само со празни говори.
Пред Собранието тие коментираа дека на комеморативната седница не биле споменати ниту имињата на нивните загинати деца, што за нив, претставува уште еден голем удар.
„Барем малку да имаа доблест и чест кон децата. Ова не е судбина, туку небрежност на институциите. Ако институциите работеа како што треба, нашите деца сега ќе шетаат, но за жал во таква држава сме се родиле“,
рече Драги Стојанов, таткото на загинатиот Томче Стојанов, додавајќи дека е срамота дури после една година да се одржи комеморативна седница.
