Според Мицкоски, ваквиот пристап на опозицијата им оди во прилог само на „следбениците на живковизмот“ во Бугарија, кои слават што во Македонија сè уште има активни политичари подготвени на распродажба на националните интереси

Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати критики до опозицискиот СДСМ, обвинувајќи ги дека се мекотелни политичари кои директно го загрозуваат македонскиот национален идентитет во процесот на евроинтеграциите.
„Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван, а овие мекотелни политичари, кои се дел од мекото ткиво на македонскиот идентитет, јас сум убеден дека по следните парламентарни избори, ќе заминат во историјата и никогаш повеќе нема да ни се повторат“,
рече Мицкоски коментирајќи ги обвинувањата на опозицискиот СДСМ поврзани со евроинтегративниот процес.
Според него, тоа е позната реторика, начинот на кој СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси, а тоа е исклучиво распродавање на македонскиот национален идентитет, удар врз ткивото, тоа се, би рекол, мекотелни политики.
„Тие се мекотелни политичари, тие се мекото ткиво на македонскиот идентитет и на тој начин ја загрозуваат целата онаа стратегија што ние како Влада ја градиме“,
додаде Мицкоски.
Според Мицкоски, ваквиот пристап на опозицијата им оди во прилог само на „следбениците на живковизмот“ во Бугарија, кои слават што во Македонија сè уште има активни политичари подготвени на распродажба на националните интереси.
„Тие се само обичното меко ткиво на македонскиот идентитет. Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај, прво, и, второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме ниту милиметар. Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и оние што нив ќе ги следат“,
додаде Мицкоски.
Премиерот пред три дена рече дека актуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес.
Мицкоски рече оти државата се наоѓа во незавидна позиција поради лошите и криминални политики на претходното раководство, кое, според неговите зборови, го донело „слонот во собата“. Сепак, премиерот е категоричен дека нема да прифати процеси кои директно удираат врз македонскиот идентитет, а притоа не нудат предвидливост за државата.
