Премиерот предупреди и дека во политичките кругови во Брисел сè погласно се зборува за иницијатива за т.н. прва и втора лига на земји членки, односно концепт на постепена интеграција
„Македонија е жртва на класичен булинг во процесот на евроинтеграциите, бидејќи наместо систем на заслуги, за земјава важи билатерализација на пристапниот процес“ – рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на конференцијата посветена на европската иднина на Западен Балкан, организирана од Паневропската Унија на Македонија.

Според него, Македонија е веројатно единствениот случај во Европа каде што напредокот не се вреднува според совладувањето на реформските предизвици, туку се темели исклучиво на билатерални прашања, што, како што вели, го нарушува кредибилитетот на Унијата, за што добил потврда од сè повеќе политичари во Брисел.
„Македонија е жртва на класичен булинг од земји членки кои одвнатре го уценуваат нејзиното интегрирање во ЕУ. И тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку според тоа дали ќе го смениме Уставот, името, знамето, банкнотите и така натаму“,
кажа тој.
Мицкоски предупреди дека во политичките кругови во Брисел сè погласно се зборува за иницијатива за т.н. прва и втора лига земји членки, односно концепт на постепена интеграција и токму затоа треба да се размисли како регион кои ќе бидат следните чекори оти е потребна свесност за сите предизвици со кои државите од регионот ќе се соочуваат во годините кои следат.
Во своето обраќање, премиерот упати остри критики до претходните политички гарнитури предводени од СДСМ, обвинувајќи ги дека поради неспособноста да испорачаат домашни резултати и да се справат со корупцијата, прифаќале сè што ќе им се понудело однадвор.
„Беа доведени до тоа да се водат од максимата: ‘дајте ни бел лист хартија да потпишеме сè што треба, само да не нè оставите без власт’. Од некогаш државотворната СДСМ денес се гледа едно гранапче кое се занимава со лажни вести и таблоидни прес-конференции, што немаат никаква врска со реалноста“,
рече премиерот.
Во однос на споровите со соседите, Мицкоски е дециден дека нема да се преговара за прашања од средниот век, туку за европски вредности и за владеењето на правото.
„Наместо да гледаме во иднината, ние се враќаме во десеттиот и единаесеттиот век, толкуваме чии биле тогашните учители. Нема никој жив од средниот век за да ни каже како било. Но, овој народ има своја вековна традиција, култура и наследство. Отсекогаш ја бранел вратата на Европа, никогаш не коленичел и неговото место е во Европа“,
заклучи тој.
