Како што додаде тој, парите коишто ќе се вложуваат исклучиво во инфраструктурни проекти ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион
Мицкоски рече и дека по изборите ќе дојдат вистинската одговорност и правдата и дека секој што се огрешил ќе одговара за стореното
Кочани ќе биде во центарот на вниманието и само за овој град и за регионот од централниот буџет ќе бидат издвоени дополнителни 100 милиони евра за инфраструктурни проекти, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на трибината во оваа општина на истокот на земјава каде што денеска е карванот на владејачката партија во рамките на изборната кампања за локалните избори.

Мицкоски од трибината упати неколку пораки, меѓу кои и таа дека Владата останува партнер на општините во кои, како што кажа, за 15 месеци од централниот буџет се распределени околу половина милијарди евра.
Како што даде тој, парите што ќе се вложуваат исклучиво во инфраструктурни проекти ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион.
„Во овие 15 месеци, отприлика половина милијарда евра реалоциравме од централниот буџет кон општините и не беше лесно бидејќи мандатот го започнавме со минус на сметката на Владата од 200 милиони евра. Сега е добро, тие ги вративме, сега сме 50-60 во плус и ликвидни сме како влада, ја консолидиравме таа состојба, успеавме да дојдеме до месечна ликвидност и на општините да им помогнеме со половина милијарда евра, нешто што беше незамислено и невозможно. Дел од тие пари завршија и во Општина Кочани, но сакам да ви кажам дека работиме со нашите меѓународни партнери, надвор од овие тековни трансфери коишто ги финансира централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и регионот ќе обезбедиме приближно дополнителни 100 милиони евра“,
рече Мицкоски.
Тој порача и дека на овие избори се гласа само за две опции, од кои едната е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто, како што кажа, значи работа и напредок на државата, а другата опција е коалицијата во која членуваат Венко Филипче, односно Зоран Заев, Али Ахмети и Димче Апасиев.
Мицкоски рече и дека после изборите ќе дојде вистинската одговорност и правда и дека секој што се огрешил ќе одговара за стореното. Притоа, тој повика одговарањето пред лицето на правдата за сторените криминали да не се толкува како политички прогон.
Покрај трибината во Кочани, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говореше и на партискиот митинг во Општина Чешиново Облешево каде што ја критикуваше опозицијата наведувајќи дека станува збор за истите луѓе кои биле поразени на последните парламентарни избори поради, како што кажа, криминал и национални предавства.
Во тој контекст, тој особено се осврна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, за кој рече дека е нереформирана партија која нема идеи и затоа нема никакви шанси и на локалните избори.
„Тоа го гледа обичниот народ, но го гледаат и членовите на СДСМ. Затоа оваа партија сега е под сопствениот биолошки лимит околу 120-130 илјади гласа, а забрзано од нејзините структури си заминуваат членови и ги враќаат членските книшки“,
кажа Мицкоски.