Осврнувајќи се на иновациите, премиерот рече дека денес во време на глобални предизвици, дигитална трансформација и зголемени очекувања, не можеме да се потпреме на старите методи бидејќи граѓаните очекуваат услуги кои се брзи, точни и лесни за користење
Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде што клучни ќе бидат стручноста и посветеноста, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација, ставајќи го акцентот на транспарентноста, иновативноста и дигитализацијата.

Во воведното обраќање на конференцијата насловена „Дијалог за политики на високо ниво“, која годинава е посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“, премиерот на почетокот посочи дека администрацијата и мерките кои треба да се преземат за поголем квалитет на услугите што ги добиваме од неа, како и иновациите, изминатите години многу малку била предмет на темелна и студиозна анализа ниту, пак, како што додаде, била предмет на професионален пристап.
Според Мицкоски, станува збор за тема која не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваме како граѓани туку и го обликува лицето на државата.
Во тој контекст рече дека како Влада нивната визија е јасна.
„Сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација која нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори“,
рече премиерот.
Ова треба да ја промени ситуацијата од изминатиот период каде што, како што кажа, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата, односно бавни процеси, недостиг на дигитализација и понекогаш недоволна транспарентност и отчетност.
Партизацијата на овој сектор, Мицкоски ја наведе како уште еден отворен проблем, како и недоволната компетентност споредено со приватниот сектор.
Посочувајќи дека станува збор за реални проблеми кои не можат да се игнорираат, туку за нив треба да се најдат решенија, премиерот во пет точки ги сумираше целите опфатени во реформите што Владата ги планира во овој сектор.
„- Дигитализација на услугите: Обезбедување што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, на еден клик од граѓаните. Со тоа ќе го намалиме времето за чекање и ќе го задоволиме она коешто го очекуваат корисниците од нас.
– Ефикасност и професионалност: Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста.
– Транспарентност и отчетност: Зајакнување на механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните пари.
– Намалување на бирократијата: Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи.
– Вреднување на трудот: Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност“,
наведе Мицкоски.
Овие реформи, рече премиерот, се важни затоа што јавната администрација е срцето на секоја држава, и кога таа функционира добро, функционира и целото општество, додаде тој.
„Овие реформи не се само за подобрување на услугите. Тие се за враќање на довербата – довербата дека државата работи за вас, за секој граѓанин, без разлика на неговата политичка припадност или неприпадност или статус. Овие промени нема да бидат лесни, но со здружени сили, сигурен сум дека ќе успееме. Заедно со експертите, меѓународните партнери и невладиниот сектор, ќе обезбедиме целосна имплементација на реформите. Најважно од сè, реформите ќе ги правиме со – граѓаните. Ќе слушаме што треба и ќе одговориме на барањата“,
рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на иновациите, премиерот рече дека денес во време на глобални предизвици, дигитална трансформација и зголемени очекувања, не можеме да се потпреме на старите методи бидејќи граѓаните очекуваат услуги кои се брзи, точни и лесни за користење.
„Затоа, иновациите не се луксуз – тие се неопходност. Време е за промени. Време е за нова, современа, и ефективна јавна администрација која ќе биде гордост. Време е да покажеме дека можеме подобро и повеќе. Да работиме заедно, со визија и решителност, за да изградиме јавни услуги што ќе бидат пример за квалитет, ефикасност и иновативност. Со овие чекори, ќе ја направиме држава посилна, поуспешна и подготвена за предизвиците на иднината“,
подвлече премиерот на крајот од своето обраќање.