Во однос на наводите на СДСМ, чиј претседател Венко Филипче најави дека ќе поднесе резолуција во Собранието за ова прашање, премиерот оцени дека опозицискиот лидер е под притисок да си замине од партијата и затоа во фокус ја става темата со мигрантите
Ако Филипче, Фрчкоски и Жерновски до пролет најдат барем еден мигрант во земјава, кој е дел од овој договор со Велика Британија, или каков било договор што сме го презеле, јас трајно ќе ја напуштам политиката – изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во врска со наводите на британските медиуми дека Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија.

„Во спротивно, тие треба да ни се извинат мене и на граѓаните, што шират паника без потреба. Мислам дека е фер, јас ова го давам како понуда. И ова ќе важи бесконечно, додека сум јас претседател на Владата. Нека земат тројцата нека шетаат колку сакаат низ Македонија и ако најдат еден кој е резултат на овој или на кој било договор што ќе го преземе оваа влада, јас сум подготвен трајно да ја напуштам политиката“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот ги повика граѓаните да не се грижат бидејќи, како што рече, нема да мигранти во земјава.
Во однос на наводите на СДСМ, чиј претседател Венко Филипче најави дека ќе поднесе резолуција во Собранието за ова прашање, Мицкоски оцени дека опозицискиот лидер е под притисок и однатре и однадвор за да си замине од партијата и затоа во фокус ја става темата со мигрантите.
„Граѓаните треба да знаат каква е состојбата. Притисокот е голем врз Венко Филипче да си замине и сега наеднаш пи-ар тимот му вели, ‘сега темата ќе бидат мигрантите. Еве два таблоиди во Велика Британија објавија и сега ајде на оваа тема да се закачиме и да ја туркаме’, мислејќи дека на тој начин политички ќе преживее“,
изјави Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави нов институционален чекор за одбрана на земјата од, како што рече, веќе договорениот прием на мигранти во земјава. По започнатата петиција, СДСМ најавува дека до Собранието ќе поднесе резолуција за заштита на државните интереси. Доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржат, партијата најави одржување голем народен протест.
