На тридневниот состанок на конзервативците ќе се обратат американскиот претседател Доналд Трамп и политичари од Аргентина, Велика Британија, Полска и Италија
Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во посета на Вашингтон, трета од неговото преземање на функцијата, ќе биде еден од говорниците на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.

Дека Мицкоски ќе има свое обраќање на настанот, денеска потврдија организаторите преку промотивно видео објавено на социјалната платформа Икс.
Видеото на својот официјален фејсбук-профил го сподели и примерот.
CONFIRMED SPEAKER: Hristijan Mickoski for CPAC in DC 2025
— CPAC (@CPAC) February 20, 2025
Learn more at 👉 https://t.co/zuAkf6v79l pic.twitter.com/LTAanQsbxy
На тридневниот состанок на конзервативците, како што објави Гласот на Америка, ќе се обратат американскиот претседател Доналд Трамп и политичари од Аргентина, Велика Британија, Полска и Италија.
Конференцијата за конзервативна политичка акција, ја води американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, а на сесиите се предвидени дискусии на теми за криптовалутите, мирот на Блискиoт Исток, како и панел со роднини на лица кои се држат како заложници во Газа.
Покрај претседателот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон, на агендата на настанот денеска се и поранешната британска премиерка Лиз Трас и политичкиот директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Предвидено е свои обраќа да имаат и словачкиот премиер Роберт Фицо, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Претседателот на македонската Влада, Мицкоски, кој во Вашингтон е придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како што беше соопштено, вчера имал средба со Александар Касаноф, заменикот-помошник секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, на која станало збор состојбата во државата, за европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план, како и за реформската посветеност на Владата и фокусот на клучните области.
Станало збор и за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.
На средбата заеднички е потврден интересот за одржување континуитет во политичкиот дијалог и зацврстување на билатералните односи помеѓу двете земји, преку засилена комуникација и институционална соработка, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку продлабочена соработка и партнерство во рамки на НАТО алијансата.
Инаку, ова е трето патување на Христијан Мицкоски за Вашингтон откако стана премиер. Првото патување во Соединетите Американски Држави беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а втората посета се случи во јануари годинава, кога премиерот беше во Вашингтон по повод инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.