Тој одговараше на прашање за тоа како ќе ги менаџира спротивставените ставови на дел од партиите во новото мнозинство, конкретно на Левица од една и на албанските партии од друга страна, при што порача дека „ако било лесно, немало да биде тој, туку некој друг“ и оти „не постои работа што не може да се реши“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција соопшти дека ќе чекаат Зоран Заев да ја поднесе оставката до Собранието најдоцна до утре до 14:30 часот, а доколку тоа не го направи, тогаш новото мнозинство ќе ја отпочне процедурата за гласање (не)доверба на актуелната Влада.
На прашање што доколку успеат да изгласаат недоверба на владата, но не успеат да формираат мнозинство за понатаму, Мицкоски побара да се оди скала по скала.
„Ајде, прво, првата работа, да се качиме на првата скала прво, да не гледаме на 27-та. Да ја завршиме прво првата работа, потоа има процедури, закони, Устав кои треба да се почитуваат. Тоа не зависи понатаму од нас, зависи од тој што треба да го почитува Уставот. Мандат се дава на мнозинство. Да почекаме да се случи првата работа, Зоран Заев да си го исполни единственото ветување кое очекуваме да го исполни, иако лично не очекувам. Но, во понеделник во 14:30 ч. ја доставуваме иницијативата во парламентот и понатаму оставаме на претседателот на парламентот да ги почитува законските рокови и процедурите кои важат“,
одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски одговараше и за тоа како ќе ги менаџира спротивставените ставови на дел од партиите во новото мнозинство, конкретно на Левица од една и на албанските партии од друга страна, при што порача дека „ако било лесно, немало да биде тој, туку некој друг“ и оти „не постои работа која не може да се реши“.
„Ако било лесно немало да бидам јас, ќе бил некој друг. Во едно семејство имате на моменти недоразбирања, па менаџирате. И тоа е предизвик, а не, пак, кога водите влада или кога ќе се обидете да формирате мнозинство како политичка партија во влада која треба да води држава во вакви предизвикувачки моменти. Барам трпение, сè ќе се реши, не постои работа која не може да се реши и работа која на крајот од денот нема да биде позитивна доколку вие мислите да биде позитивна. Доколку сакате да ги злоупотребувате работите и да гледате само личен интерес, тогаш таа работа е осудена на пропаст. Јас го гледам колективниот интерес и, како што кажав, интересот на народот“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги коментираше и информациите дека пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, се премислува за дадениот потпис, па кажа дека тоа било информација што се објавувала без изјава од Реџепи. А најдобар демант дека тој не го повлекува потписи, според Мицкоски, ќе биде иницијативата за гласање недоверба на Владата што ќе се поднесе утре.
Околу прашањето дали евентуално се преговара и со пратеници од ДОМ и ЛДП, Мицкоски рече дека вратата е отворена за секој што мисли дека оваа Влада на Зоран Заев не е добра.
„Вратата за секој оној кој мисли дека оваа Влада на Зоран Заев не е добра, е отворена. Секој кој ја поддржува оваа влада, нормално е дека нема да биде дел од оние пратеници кои ќе гласаат недоверба. Ако некој мисли дека оваа Влада треба да замине, е добредојден. Не постои тука политичка партија, постојат пратеници. 61 застанаа, ги повикувам и останатите 59 да размислат“,
рече Мицкоски.