Премиерот посочи дека верува оти двајцата вицепремиери, кои се дел од ВЛЕН, биле на состанок за владини политики
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на „360 степени“, денеска ги повика вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи да дадат одговор за што ги употребувале службените возила ноќта на 15 јули во 23 часот и да се извинат доколку извршиле злоупотреба.
Во одговорот Мицкоски посочи дека верува оти двајцата вицепремиери, кои се дел од ВЛЕН, биле на состанок за владини политики, но сепак за да се увери, ќе ги праша и тој.
360 степени: Дали вие можеби знаете кој е тој фамозен состанок на вицепремиерите Фетаи и Меџити бидејќи кога баравме одговори каде биле со службените возила, ни рекоа дека биле на некаков состанок за владини политики, никако да ни одговорат за што ги употребувале возилата во 23 часот навечер?
Мицкоски: Ние како влада работиме до доцна навечер. И јас исто така. Сигурно биле на состанок на којшто имало потреба и биле поврзани со владата, а доколку не биле, тогаш треба да им се извинат на граѓаните. Ако ги користеле за приватни или партиски цели, треба да им се извинат на граѓаните затоа што ги трошат ресурсите на граѓаните. Но, доколку имале состанок на тема поврзана со владините политики, претпоставувам дека тие ќе го дадат одговорот, а и јас ќе ги прашам.
Денешното прашање произлегува од ставот што го добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање неодамна, откако го објавивме текстот за возилата на Фетаи и Меџити, дека тие биле на состанок за владини политики.
„Во врска со вашиот објавен текст, Ве информираме дека заменик-претседателите на Владата, во периодот кој Вие го посочувате, учествувале на координативен состанок за владини политики, со посебен фокус на тековните општински проекти…“,
стои во ставот на министерството.
Но, не беше прецизирано каде се одвивал тој состанок, иако упативме дополнително прашање до министерството со кое раководи Изет Меџити и тогаш.
Од Министерството уште посочија дека на Меџити и Фетаи, како заменици на премиерот, им следувало 24-часовно обезбедување.
Но тоа што возилата беа паркирани на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, од Министерството за животна средина и просторно планирање признаа дека е прекршок и рекоа дека преземале дисциплински мерки кон возачите.
За потсетување, пред да воопшто го објавиме текстот за возилата, испративме прашања до Владата, до министерот за добро владеење, Арбен Фетаи, до Министерството за животна средина и до Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), но не добивме одговор од ниту една институција.
Дека се работи за службени возила на овие двајца вицепремиери ни потврди СОЗР.
„Едното возило е на вицепремиерот Изет Меџити додека другото возило е на вицепремиерот Арбер Фетаи“,
ни одговорија од Службата за општи и заеднички работи.