Средбата, како што вели премиерот во интервјуто за ТВ Алфа, би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски формум во Давос, Швајцарија
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување најави дека во текот на утрешниот ден ќе упати покани до парламентарните политичките партии за лидерска средба на која теми на дискусија би биле реформските закони и укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред парламентарни избори.

Средбата, како што вели премиерот во интервјуто за ТВ Алфа, би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски формум во Давос, Швајцарија.
Тој очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба, а дневниот ред, како што додава, може да биде проширен и дополнет со предлози од другите партии.
Премиерот, исто така, очекува лидерствата на парламентарните партии и коалиции да постигнат консензус околу клучните прашања за државата на кои би се дискутирало на средбата.
„Еве, да разговараме за правобранителот. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, целта е пред нас, а тоа е Европската Унија, да разговараме отворено на сите тие теми, за коишто немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на Европската комисија. Ајде да седнеме и да разговараме“,
вели Мицкоски.
Околу техничката влада, премиерот вели дека пред минатите избори и самиот Социјалдемократски сојуз на Македонија кажал дека таа пред избори веќе не е потребна. Тој вели дека за разлика од претходно, оваа влада покажува широчина, која, според него, е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи на политичкиот систем, но и за оние кои се дел од реформската агенда за пристапување на земјата кон Европската Унија.
Во таа насока, Мицкоски потенцира дека за дел од овие реформи е потребен широк меѓупартиски консензус.
„Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени“,
вели премиерот.
За потсетување, во јули минатата година лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повика на лидерска средба на која, како што кажа тој тогаш, би се воспоставиле црвените линии на земјава и би се постигнал натпартиски консензус помеѓу сите политички чинители за најважните државни прашања.
Одговорот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше дека тој и Филипче веќе одржале лидерска средба и дека доколку има потреба од нова, ќе биде организирана, но не во тој момент бидејќи, како што рече тогаш, нема причина за такво нешто.
