Премиерот ова го соопшти во контекст на одредени објавени анкети согласно кои партијата ВМРО-ДПМНЕ ужива големо водство пред останатите партии
Владата прави сѐ што е во нејзина моќ да испорача резултати и покрај фактот што наследивме катастрофална состојба во државата од претходната власт, рече премиерот Христијан Мицкоски по настанот под мотото „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“.

Тој кажа оти бројките од анкетите кои ѝ даваат голема предност на неговата матична партија во споредба со опозицијата, значат дополнителна мотивација за работа, иако опозициските партии испраќаат погрешни и навредувачки пораки кон нив.
„Како ВМРО-ДПМНЕ и како влада правиме сѐ што е во наша моќ да испорачаме, и јас лично што е можно повеќе за граѓаните. За жал, состојбата којашто ја наследивме од претходната влада е ужасна, катаклизмична. Грешките коишто се таложеле со децении и погрешните политики коишто имале негативен ефект врз државата се големи. Ресурсите се, за жал, како резултат на тие погрешни политики многу мали. И ние работиме врз основа на приоритети“,
кажа тој.
Дополнително, рече оти опозицијата праќа пораки со кои имаат намера да „растурат“ пердуви и оти тој ќе стори сѐ што е во негова можност да испорачаат што е можно повеќе резултати за граѓаните.
„Ние сме сериозна државотворна партија, така и се однесуваме во Владата. Јас како човек ќе сторам сѐ што е во моја моќ да испорачаме што е можно повеќе за граѓаните. Чуда никогаш не сме ветувале. Ако ги игнорираме оние лажни изјави, за наводни наши ветувања коишто никогаш не сме ги кажале од страна на опозицијата. Ние водевме кампања и во 2024, и во 2021, и во 2025 дека чуда не ветуваме, чуда се невозможни, оној којшто ветува чуда не ја говори вистината, ги манипулира граѓаните“,
заклучи тој.
