Во одговор на новинарско прашање дали е точно дека дел од производителите се уценувани од големи синџири на маркети кои се обидувале да го изиграат Законот за нефер трговски практики, давајќи им договори со маржи од 10 отсто, а потоа нуделе специјални договори со маржи и до 45 проценти, премиерот рече дека веднаш ќе се обрати до соодветните институции да преземат мерки
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја разбира најавената акција на граѓаните за бојкот на маркетите в петок оваа недела бидејќи, како што рече, одамна зборувал за однесувањето на поединци во овој бизнис дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити.

Додаде дека институциите ги следат состојбите и навремено реагираат.
„Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема. Од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ја поддржи иницијативата на граѓаните за бојкот на маркетите во петок оваа недела.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека дел од производителите се уценувани од големи синџири на маркети кои се обидувале да го изиграат Законот за нефер трговски практики, давајќи им договори со маржи од 10 отсто, а потоа нуделе специјални договори со маржи и до 45 проценти, Мицкоски вели:
„Од овој момент, кога ќе ја напуштам оваа прес-конференција, ќе се обратам до соодветните институции веднаш да преземат мерки.“
Од утринава помеѓу граѓаните на социјалните мрежи се споделува иницијатива за бојкот на маркетите овој петок (31 јануари) поради високите цени на производите, по примерот на Хрватска.