„Ветувам дека со ништо нема да дозволам вашата доверба, чест и достоинство некој да ги изневери. Ветувам напорна и трудољубива, и пред сè и над сè, чесна работа. Сите да се обединиме околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, рече Мицкоски во Кичево
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, синоќа од Скопје замина во Кичево, каде ја прослави победата во вториот круг на нивниот кандидат за градоначалник, Александар Јовановски.

Јовановски ќе биде новиот градоначалник на Кичево, откако, според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК), го победи својот противкандидат од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Фатмир Дехари.
Имено, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освои 14 228 гласа, додека, според ДИК, Дехари има нешто над 2 000 гласа помалку, односно 12 208.
„Кога единството е посилно од поделбите, кога желбата е посилна на криминалот и кога сите граѓани имаат силна волја за иднина, посилна од хаосот и безредието. Јасно е дека се работи за Кичево. Вечерва во градот кој испиша историја“,
напиша Мицкоски на Фејсбук, споделувајќи фотографии од прославата на победата.
Заблагодарувајќи им се на кичевачни, тој му ја честита победата на новиот градоначалник на општината, Александар Јовановски, посакувајќи му успешна работа.
Рече дека како влада, заедно со него, ќе сторат сè што е во нивна моќ да се реализираат проекти кои, како што кажа, ќе значат подобар живот за жителите на општината и ќе го направат Кичево модерно и поубаво место за живеење.
„Вечерва ќе се радуваме, едни со други ќе си подадеме рака, а од утре ќе ги засукаме ракавите. Нè чека многу работа, Александар“,
порача Мицкоски.

Говорејќи пред насобраните, Мицкоски рече дека Кичево се ослободило од „човекот кој се богатеше на грбот на кичевчани – и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми, и Срби, и Власи, и сите останати“.
„Човекот којшто изгуби човечност, којшто уценуваше, човекот којшто го засрамуваше и сопственото семејство со тоа што го слушавме. Тој е веќе минато, заборавено минато коешто никогаш повеќе нема да му се повтори на овој преубав град, наше заедничко Кичево“,
рече Мицкоски.
Тој наведе дека на овие локални избори партијата што ја предводи ја потврдила довербата што ја има кај граѓаните на Македонија, освојувајќи 55 градоначалнички мандати.
„Заедно со огромното мнозинство во Парламентот и поддршката што ја добивме пред година и половина на парламентарните и претседателските избори, како и поддршката што ја добивме на локалните избори во 2021 година, заокружуваме еден историски циклус. Ветувам дека со ништо нема да дозволам вашата доверба, чест и достоинство некој да ги изневери. Ветувам напорна и трудољубива, и пред сè и над сè, чесна работа. Сите да се обединиме околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“,
рече Мицкоски.

Претходно, во Скопје, Мицкоски порача дека со изборот на Александар Јовановски заврши ерата на раскалашеноста на Дехари и дека почнува ера на соживот и просперитет во Кичево.
