Јас ве уверувам, рече опозицискиот лидер, дека, доколку и еден од овие закони шверцерски помине, ВМРО-ДПМНЕ од следниот ден комплетно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент
Порака до меѓународната заедница, а посебно, како што рече, до ЕУ „да спречат шверцерското носење на закони од страна на владата на СДСМ и ДУИ“ испрати вечерва од Гази Баба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако неговата партија најави блокада на парламентот, затоа што биле пуштени во процедура 12 закони со европско знаменце. Јас ве уверувам, рече Мицкоски, дека, доколку и еден од овие закони шверцерски помине, ВМРО-ДПМНЕ од следниот ден комплетно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент.
„Има закони што Владата на СДСМ и на ДУИ сака да ги помине на брутален и на шверцерски начин низ парламентот, комплетно злоупотребувајќи го европското знаменце. Ја користам оваа прилика да ја упатам и мојата порака до меѓународната заедница, посебно до Европската Унија, дека ако ова остане неискоментирано и ако ова не се спречи, тогаш ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент. А пораката до македонските граѓани е дека за неколку недели ќе имаат можност да одлучат дали сакаат да живеат во држава ‘ДООЕЛ Заев’, каде што парламентот комплетно ќе биде приватизиран и на шверцерски начин ќе се носат бизнис закони, како што се овие, или, пак, ќе имаме слободна демократска држава која ќе се развива и ќе биде рамо до рамо со европските вредности“,
рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, пред вечерашниот предизворен настан на партијата во Гази Баба.