ВМРО-ДПМНЕ најавува став за владиниот предлог-закон за јавно обвинителство наредните денови, но лидерот на партија Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Република“ ги откри деловите што се неприфатливи за него. Според неговите одговори во интервјуто, тоа се:
- името на обвинителот што треба да го води новото обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција и
- продолжувањето на предметите за кои СЈО не стигна да поднесе обвинение до 30 јуни 2017 година.
Пречка 1: Вилма Рускоска
Дека за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатливо Вилма Рускоска да го води обвинителство за гонење и организиран криминал и висока корупција, тој се изјасни уште завчера. Мицкоски за „Република“ дополнително ги изложува своите аргументи зошто е против.

„Зоран Заев го легитимираше она што одамна го велам, а тоа е дека Рускоска е негов избор и сега сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска. Јасно е дека овој предлог не може да се разбере никако поинаку освен како мајтапење со законите и правната држава. Па не може жената која е персонификација на нестручно работење под политичка палка да се справи со криминалот и да донесе правда“,
изјави Христијан Мицкоски за „Република“.
Во својот одговор Мицкоски не се осврнува на фактот дека со предложениот закон не се формира ново обвинителство туку СЈО се припојува на постоечкото обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое добива ново име и повеќе ресурси. Шеф на тоа обвинителство во моментов е Вилма Рускоска, избрана од Советот на јавни обвинители со мандат од четири години. Според предлогот, Рускоска ќе продолжи да ја врши функцијата за која ја избрале обвинителите, а не Владата или Собранието.
Друг неспорен факт е дека Рускоска е избрана за шеф на ова обвинителство во ноември 2018 година, односно за време на владеењето на Зоран Заев. Но, исто така, факт е дека Рускоска е во тоа обвинителство повеќе од 10 години, од времето на владеењето на Никола Груевски. Зад себе Рускоска има редица крупни предмети од тој период, како „Диво насеље“, но и случаи со кои тогашната власт се фалеше дека се доказ за борба против организираниот криминал, како „Детонатор“ и „Змиско око“.
Пречка 2: „Талир“
Како што „360 Степени“ анализираше вчера, за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатливо да продолжат постапките во предметите на СЈО, за кои тимот на Катица Јанева не успеа да поднесе обвинение до 30 јуни 2017 година. Еден од тие предмети е и „Талир“, за кој има две обвиненија – за незаконско финансирање на партијата и за незаконска изградбата на новата „барокна“ зграда на ВМРО-ДПМНЕ.
„И што би се случило хипотетички, би се продолжил случајот „Талир“, кој е случај против ВМРО-ДПМНЕ и кој е исклучиво политички конструиран, а позади тоа би се амнестирале вистинските криминали на власта. Едноставно Владата покажува дека не е за сериозна пресметка со корупцијата и се става во улога да штити корупција. Тие трета година ја имаат одговорноста да ја водат државата, а зад себе немаат ниту една правна разрешница на некој криминален скандал. Ние не може да си дозволиме едно урнисано СЈО да го замениме со друго, како и да се вика новото, но тоа да биде еднакво неквалитетно, непрофесионално и корумпирано како постојново“,
вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за „Република“.
Независно од политичкиот наратив, Мицкоски има правна поткрепа за да бара „новите“ предмети на СЈО да не добијат продолжен живот. Тоа го овозможи Врховниот суд, кој во февруари донесе начелно правно мислење дека СЈО не е овластен тужител за предметите за кои не е поднесено обвинение во рок од 18 месеци по приемот на „бомбите“, кој истече на 30 јуни 2017 година.
Но, инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ да се запре „Талир“, во исто време ќе значи инсистирање да се запрат и другите „нови“ предмети на СЈО, како што е на пример случајот „Империја“, во кој се осомничени не само бизнимените Јордан Камчев, Цветан Панделевски и други, туку и „расчинетиот“ од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков. Во истата група се и неколку предмети во кои се засегнати високи претставници на ДУИ.