„На годишно ниво повторно имаме зголемување на инфлацијата, но не така големо како што беше во јули“, вели премиерот

Забавување на инфлацијата на месечно ниво е добар индикатор и за базичната инфлација, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој очекува трендот да продолжи и да се дојде до под три проценти.
Според него, ова е добар показател дека мерките на Владата даваат резултати.
„Ако се направи длабинска анализа, ќе се види дека на месечно ниво за првпат базичната инфлација е во негатива, односно во минус. Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација, којашто беше главен двигател на генералната инфлација“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Премиерот наведе дека стапката на инфлација на годишно ниво, споредена со јули, е намалена од 4,9 на 4,4 отсто. Тој очекува овој тренд да продолжи и инфлацијата да се стабилизира на ниво од 2 до 2,5 проценти.
Тој вели дека Владата води внимателна макроекономска политика, која прави баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно платите да растат двојно побрзо од инфлацијата и дека граѓаните ќе имаат подобар стандард.
На новинарско прашање каде гледа намалување на базичната инфлација, Мицкоски рече дека на месечно ниво, споредено август со јули, тоа е во сите производи.
„На годишно ниво повторно имаме зголемување, но не така големо како што беше во јули“,
додаде тој.
Во однос на мерката „училишна кошничка“ и за тоа дали има дадено резултати, Мицкоски рече дека се вршат интензивни контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Комисијата за заштита на конкуренцијата, за да се следи состојбата на пазарот.
Прашан која е суштината на кампањата за купување македонски производи, Мицкоски одговори дека таа е насочена кон поттикнување на домашното производство и преработувачката индустрија.
Мицкоски ги повика граѓаните да се ориентираат кон македонски производи, како и да гo посветат своето време на македонските езера, планини и села, со што, според него, другите ќе нè ценат повеќе.
Инаку, вчера Државниот завод за статистика (ДЗС) излезе со податоци за трошоците за живот за август во однос на јули, каде се вели дека тие биле поголеми за 0,2 отсто.
Според податоците на ДЗС, за една година најголемо зголемување на цените од 6,2 отсто имало кај храната и безалкохолните пијалаци.
Од податоците на Статистика може да се види дека цените на мало во август во однос на јули годинава се намалени за 0,7 отсто, додека во однос на истиот месец лани тие бележат зголемување од 4,1 отсто.