Премиерот упати порака и до првачињата и наставниците кои, како што рече, на најмалите треба да им пренесат знаење за две значајни вредности – семејството и татковината
Им се извинувам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете.
Ова, меѓу другото, го порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето во Основното општинско училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во скопска Кисела Вода по повод почетокот на новата учебна година.

Тој ова го кажа додавајќи дека првпат по седум години, алудирајќи на периодот на минатата власт, учениците во државата на првиот училиштен ден ќе имаат учебници, меѓу кои и оние по странски јазици.
„Но, ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината“,
рече Мицкоски.
Упати благодарност до министерката за образование и наука Весна Јаневска за досега сработеното во мандатот, но и до градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за кого рече дека има големи планови не само за општината, туку и за главниот град.
Мицкоски упати порака и до првачињата и наставниците кои, како што рече, на најмалите треба да им пренесат знаење за две значајни вредности – семејството и татковината.
„Убеден дека вредностите коишто првоодделенчињата ќе треба да ги дознаат за своето семејство за мама, за тато, за даде и за бато, но и за она што се вика татковина, нашата преубава Македонија, наставниците ќе го пренесат во вистински начин и дух, а тоа што првоодделенците ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот свој живот“,
додаде Мицкоски и им посака успешна учебна година на учениците.
За 245 илјади основци и средношколци денеска започна новата учебна која ќе трае до 10 јуни.