Македонскиот и британскиот премиер на заедничка прес-конференција во Тирана изразија задоволство за постигнатиот договор, кој, како што рекоа, ќе значи посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите меѓу двете земји
Северна Македонија и Обединетото Кралство постигнаа согласност за договор за стратегиско партнерство. Ваквата информација попладнево заеднички ја објавија премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер на прес-конференција од Тирана, каде што учествуваат на Самитот на Европската политичка заедница.

Во кусата изјава пред новинарите, Мицкоски рече дека е мошне возбуден што двете држави како НАТО-сојузнички ќе може да работат заедно и да ја продлабочат и зајакнат билатералната соработка преку овој договор.
„Со ова ќе се подобри не само искуството, туку и ќе се сподели искуството на Обединетото Кралство во тој дел од Европа. Сметам дека Балканот е навистина инспиративно место, и ви посакувам топло добредојде во вашата многу посилна улога во тој дел од Европа“,
рече премиерот Мицкоски на прес-конференцијата со својот британски колега.
Задоволство од постигнатиот меѓувладин договор изрази и британскиот премиер Кир Стармер, кој рече дека ваквата соработка е одлична можност за заеднички напредок и продлабочување на односите на двете земји.
„Ова е мошне важно за нас. Имаме цврсти односи меѓу нашите две земји и фактот што можеме да го потпишеме овој меѓувладин договор сметам дека е од голема важност. Тоа покажува дека ние ќе решаваме многу работи меѓу двете држави. Ова навистина е одлична можност и се радувам на оваа билатерална средба и на билатералниот договор. Мислам дека имаме многу да направиме заедно и со ова само ќе напредуваме. Се радувам што можеме да работиме заедно со вашата земја и да ги продлабочиме односите кои ги имаме“,
рече Стармер.
По прес-конференцијата, Мицкоски во објава на Фејсбук порача дека ова е историски ден за Македонија.
„Ова преставува стратешки договор кој ја позиционира државата во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство. Договорот претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка“,
пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Премиерот информира дека на договорот му претходеле неколкумесечни преговори со тимови од двете држави.
Според владини извори кои ги цитира МИА, договорот ќе отвори нови перспективи за соработка на С Македонија и Обединетото Кралство во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени.
Со потпишувањето на договорот, земјава ќе добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.