Слушав изјави дека се црвенееле некои политичари, ова не требало да се случи, но истите тие претпоставувам се црвенеат од 2023 година зашто два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври, кога овие политичари кои тогаш биле власт, а сега се црвенеат, вели Мицкоски
Косовскиот премиер Албин Курти порача дека органите ќе го расветлат случајот, оти не може тој и Мицкоски да бидат и цариници, полицајци или, пак, инспектори
Инцидентот од четвртокот на скопскиот аеродром во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи, очекувано, беше една од темите на разговор на денешната средба помеѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти во Скопје.
Нешто повеќе од еден час од започнувањето на официјалната средба, Мицкоски и Курти на заедничка прес-конференција во Владата се обратија до јавноста.
На новинарско прашање дали инцидентот на меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе ги влоши односите помеѓу двете земји, премиерот Мицкоски рече дека два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври минатата година, а разликата помеѓу тогаш и денес е што сега, според него, постои јавност која е информирана за разлика од минатото кога овие два случаи не биле обзнанени. Иако не сакаше да навлегува во детали за тоа што точно се случувало минатата година, Мицкоски рече дека постојат политичари кои сакаат да спечалат ситни политички поени и кои ќе се обидуваат и во иднина да влијаат негативно во меѓусебните односи помеѓу владите на двете земји, но дека нема да успеат.
„Слушав изјави дека се црвенееле некои политичари, ова не требало да се случи но истите тие претпоставувам се црвенеат од 2023 година зашто два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври се случиле овие инциденти, кога овие политичари кои тогаш биле власт, а сега се црвенеат. Разликата е сега што има јавност, а тогаш немаше. Бидејќи оваа влада е демократска, транспарентна и не е како таа претходната која беше по принципот ‘како досега’“,
рече Мицкоски.
Мицкоски изрази жалење за инцидентот и кажа дека претседателката на Косово и сите граѓани на Косово се добредојдени во земјава, но и дека следен пат како домаќин лично ќе присуствувал на аеродромот со Османи за да се избегне ваков тип инциденти. Кажа и дека сите функционери без разлика од каде доаѓаат, па дури и тој или, пак, претседателката на С Македонија, мора да поминат низ одредени процедури, иако тој лично не го користел ВИП-делот на аеродромот.
Кога станува збор за неофицијалните информации дека член од обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши вперил пиштол во македонски полицаец, Мицкоски рече дека ќе почека надлежните институции да го расчистат целосно овој случај.
„Доколку има кривично дело констатирано, тој ќе биде изведен пред лицето на правдата. Не постојат луѓе кои се над законот, барем додека јас сум премиер. Ако ова што вие го тврдите се потврди, бидете сигурни дека за тоа лице ќе има одговорност“,
изјави премиерот.
Премиерот на Косово, Албин Курти, пак, рече дека и тој очекува официјалниот извештај да го расветли прашањето во целост и дека потребно е да се дознае вистината за случајот, а не да се создаваат тензии. Дополнително, рече, иако инцидентот бил доживеан како тешко искуство на претседателката Османи, сепак, треба да се утврди што точно се случило за да не се повторуваат вакви непријатни ситуации.
„МНР даде своја изјава што е став на Косово, го видовме и ставот на МНР на Македонија. Верувам дека за цел треба да ја имаме вистината, а никако тензии. Нека се расветли случајот, тука се сите органи, јас и Мицкоски не можеме да бидеме и цариници, полиција и инспекторати итн. Постојано стануваме сигурни експерти на многу технички прашања, но во однос на суштината на прашањето одговоривме и мерките се преземаат“,
порача Курти.
Курти кажа и дека е оптимист дека во иднина нема да има вакви настани, а заедно со Мицкоски констатираа дека целта на Косово и Македонија е да се градат добрососедски односи кои ќе бидат двонасочна улица, да се работи на зајакнување на економската соработка, како и да продолжи соработката во сите сфери во двете земји.