Конфронтиран со аргументот дека Заев во улога на премиер, кога ДУИ беше владин партнер, во неколку наврати се сретна со Мицкоски во улога на опозиционер, а ДУИ немаше вакви реакции, Адеми вели дека сега контекстот бил друг

Христијан Мицкоски и Венко Филипче, поддржани од олигархијата, сакаат да го преобликуваат политичкиот модел од мултиетнички во моноетнички – обвинува во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ.
Одговарајќи на прашања поврзани со средбата помеѓу премиерот и лидерот на СДСМ, по која ДУИ веднаш реагираше, Адеми го повтори партискиот став.
Конфронтиран со аргументот дека Зоран Заев во улога на премиер, кога ДУИ беше владин партнер, во неколку наврати се сретна со Мицкоски во улога на опозиционер, а ДУИ немаше вакви реакции, потпретседателот на најголемата опозициска партија кај Албанците одгoвори:
„Не е ист контекстот бидејќи за сите тие средби ние сме биле консултирани како политички фактор, и за агендата и за сè друго. Имало и пауза на тие средби, каде што требало да се координира и со господинот Ахмети како, што понатаму за одредени прашања. И телефонски. А сега контекстот е сосема поинаков. Знаете што е агендата? Тоа што од ДУИ сме го кажале. Агенда што не ја видел народот. Две точки биле на таа агенда: неказнивост, меѓусебна неказнивост и при вакви трагедии да се критикуваат меѓу себе, но да креираат, да дизајнираат правосуден систем каде што ќе се заштитат дел од СДСМ“.
Според Арбер Адеми, маргинални политичари од СДСМ се тие што се под истрага или во притвор, но не и главните што ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше пред да ја преземе власта.
„Кој е по судови од СДСМ? Тие што биле критикувани од страна на ВМРО додека СДСМ беше на власт? Не, никој од тие. Никој од тие! Некои периферни личности ги нашле да кажат, ете и од СДСМ има… да не ги повторувам клучните обвинувања на ВМРО за СДСМ додека СДСМ беше на власт и за кои личности. Знае јавноста, следи“,
одговори потпретседателот на Демократската унија за интеграции.
Тој тврди дека оваа средба не е од интерес ниту за Македонците ниту за Албанците, и вели дека втората точка на агендата на средбата Мицкоски–Филипче била да се маргинализираат Албанците од политичките текови.
„Не е македонски интерес воопшто, ниту во интерес на Албанците не е. Затоа велам, народот е сплотен, но некој инсистира да создаде таков јаз, таква поделба меѓу нас. Да се отстранат Албанците и да се држат во периферија на сите општествени текови. Е овие точки биле дел од агендата на таа средба“,
вели Адеми во интервјуто за „360 степени“.
Средбата Мицкоски–Филипче се случи на 3 април.