„Моите информации се дека поранешниот директор на Државна лотарија подолго време не е во земјата“, иформира премиерот
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, заедно со уште едно лице, со дипломатско возило вчера ја напуштил земјава и заминал во Косово, информира премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ 21, кое ќе се емитува вечерва.
„Моите информации се дека поранешниот директор на Државна лотарија подолго време не е во земјата. Додека, поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово“,
вели Мицкоски.
Тој во интервјуто посочува дека е донесена одлука за продолжување на реализацијата на коридорите 8 и 10-д, оти ако бил откажан проектот од „Бехтел и Енка“, државата ќе требало да исплаќа милиони.
„Апсолутно и натаму го оценувам како најкриминален. Ако сега го откажам, вас, нас и идните генерации ќе нѐ чини милиони, затоа добив кнедла, добив политички куршуми и решив да го решиме час поскоро. Мислите вие мило ми беше? Го имам истиот став, и за фирмата за гаќите, истото го имам“,
посочува Мицкоски.
Тој информира дека 25 милиони евра одвоиле од буџетот за финансирање на Универзитетот „Мајка Тереза“ и за ова бил нападнат од неговите колеги, но тоа, нагласи, никого не го интересира.
„Знаете колку бев нападнат од моите колеги од скопскиот универзитет? Знаете ли колкави беа ударите од ‘Кирил и Методиј’ врз мене… Еве јас сум професор таму, или тоа никого не го интересира, бидејќи тоа не се споделува во тој микрокосмос. Можам да ви редам многу вакви примери каде што ние треба да покажеме единство“,
вели Мицкоски.
Тој во интервјуто се осврнува и на неодамнешните настани и порача дека по првпат биле одговорни пред органите оние кои го запалиле албанското знаме.
„Никогаш порано тоа не се случило. Е да, одговорни се тие коишто го палеа македонското знаме, национално, бидејќи тоа ни е заедничко“,
додава премиерот.