Мојата порака до македонскиот народ е да не ги слушаат и да не потклекнуваат на анационалните и антимакедонските елементи кои повикуваат на бојкот, рече Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги повика граѓаните масовно да одговорат во процесот на попишувањето и да не веруваат на, како што рече, анационални структури кои повикуваат на бојкот.
„Мојата порака е масовно да излезат граѓаните и да се попишат и мојата порака до македонскиот народ е да не ги слушаат и да не потклекнуваат на анационалните и антимакедонските елементи на македонската политичка сцена кои што во овој момент се обидуваат повторно да внесат раздор во македонското ткиво и помеѓу протесните гласови како што тоа го правеа за време на претседателските избори кога тогаш повикуваа на бојкот на тогашниот опозициски кандидат и практично ја продолжија кариерата на Зоран Заев и СДСМ“,
рече Мицкоски во интервју за ТВ24.
Тој додаде дека за точното спроведување на пописот е задолжена владата и Државниот завод за статистика, а се останато во овој процес рече дека е фолклор.
„Она што е важно е да кажеме дека одговорни за законите и точно спроведување на пописот е владата и Државниот завод за статистика, се останато во овој процес е фолклор. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направи уште на почетокот на оваа година беше практично за одложување на пописот во тоа време и тогаш се одложи за да се реализира сега, во септември. Зошто? Затоа што ние реализирајќи го сега пописот можеме веднаш за време на локалните избори да го исконтролираме. Бидејќи сега на локалните избори ние ќе имаме фингерпринт терминали и тоа ќе ни биде првиот индикатор дали владата и ДЗС го завршиле пописот како што треба“,
рече Мицкоски.