Тој откри дека по одржаните состаноци во неговиот кабинет со засегнати лица е постигнат договор за начинот на кој ќе се реши проблемот

Лицата кои биле ангажирани во странство нема да имаат обврска за дополнително плаќање данок во Македонија, под услов да приложат доказ дека компанијата преку која работеле веќе подмирила даночни обврски во земјата каде што биле ангажирани. Ова го појасни премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со известувањата кои ги добиваат голем број граѓани од Управата за јавни приходи (УЈП).
Премиерот истакна дека се работи за законска регулатива донесена од претходната влада. Бидејќи на крајот на минатата година законскиот рок за тие решенија застарувал, тој појасни дека УЈП затоа се обратиле до лицата, како и до сите граѓани во земјата да го платат данокот.
„Ако тоа не го направеше УЈП, тогаш ќе дојдеше некоја влада после нас или можеби оваа влада, и ќе бараше кривична одговорност за УЈП односно за директорката дека го оштетила Буџетот“,
појасни денеска Мицкоски додека беше на увид во градежните работи на автопатот Гостивар – Букојчани.
Тој откри дека по одржаните состаноци во неговиот кабинет со засегнати лица е постигнат договор за начинот на кој ќе се реши проблемот.
„Донесовме заклучок тие да докажат дека фирмите коишто нив ги ангажирале платиле данок во земјата или во земјите каде што биле ангажирани. И на тој начин УЈП нема да го наплати тој данок“,
додаде премиерот.
