Kога не се избори, тој самиот си кажува дека Бугарите овде за Втората светска војна не биле фашисти, туку биле администратори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
По собирите и средбите со граѓани во Кичево, Кривогаштани, Долнени и Крушево, лидерот на ВМРО-ДПМНе, Христијан Мицкоски, го заврши празничниот и изборен ден во Прилеп, на митинг на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, од каде што го обвини премиерот Заев дека тргувал со свети работи, како што е антифашистичкото наследство на земјата.
„Единаесетти октомври е празник кој е особено вреднуван на ова место и тука има посебно значење. Ако се прашувате зошто Зоран Заев вчера вечер и утрово зборуваше за 11 Октомври, тоа е само затоа што на 17 октомври имаме избори и сака да заборавите на се она што претходно го правел. А кога нема избори тој тргува со светите работи на овој народ, меѓу кои е нашето антифашистичко наследство. Kога не се избори, тој самиот си кажува дека Бугарите овде за Втората светска војна не биле фашисти, туку биле администратори. Денеска од Прилеп, од градот од каде што се дигна македонската борба против бугарскиот фашистички окупатор, порачуваме – доаѓа крајот на продавањето на македонските национални интереси. Доаѓа крајот на оваа Влада што не направи ништо освен што се обидува да го продаде македонскиот идентитет“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека антифашистичката борба, илинденците, светлите моменти од македонската историја не потсетуваат дека не смееме да паднеме во апатија, дека не смееме да се откажеме од борбата за подобро.
„Овие моменти од македонската историја велат дека е време да станеме пак во борба за повисоки вредности, за Македонија каква што заслужуваме. Оваа Влада не научи дека не живееме во минатото, дека кај овој народ не поминува плашењето од минатото. Овој народ нема страв, овој народ виде дека полоша од оваа Влада сме немале“,
оцени Мицкоски.