Формирано е работно тело кое ќе ја следи реализацијата на проектите што беа ветени во кампањата за локалните избори. Со телото ќе раководи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а со логистика на Зоран Ставрески и Оливер Шамбевски
Зоран Ставрески, некогашниот министер за финансии во владите на Никола Груевски, како и Оливер Шамбевски, поранешен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кој потоа беше и амбасадор на земјава во Кина, ќе бидат во работното тело што го формира опозициската партија, со цел да го мониторира работењето на новите градоначалници од партиските редови и остварувањето на предвидените проекти во општините што ги раководат.

Со ова работно тело ќе претседава партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој по завршувањето на локалните избори постојано е на терен низ општините каде што ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници.
На вчерашната средба на Мицкоски со новоизбраните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, како што се соопштува, се пристапило кон формирање работно тело во рамките на партијата кое ќе ја следи реализацијата на ветените проектите.
„Во програмите ‘Гарантираме’ се опфатени точно 14 835 проекти од различни сфери и области, решенија за реалните проблеми на народот. Со овие програми се предвидуваат 2 000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу други конкретни дела. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ соопшти пред градоначалниците дека овие проекти мора да имаат соодветен план и динамика за развој, при што работното тело ќе биде од помош при овозможувањето на совети и размена на знаења при нивното имплементирање.Во работното тело, кое ќе биде раководено од Мицкоски ќе бидат и Зоран Ставрески и Оливер Шамбевски“,
се наведува во објава на фејсбук-страницата на ВМРО-ДПМНЕ.
Нема прецизна информација дали со „мониторингот“ ќе биде опфатена и новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која настапуваше на локалните избори како независна кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Ставрески во последните пет-шест години речиси воопшто не е присутен на политичката сцена во земјава, ниту во јавниот живот, откако летото 2016 година поднесе оставка од позициите министер за финансии и вицепремиер – во владата што тогаш веќе ја предводеше Емил Димитриев, кој како техники премиер го замени Груевски пред парламентарните избори што се одржаа истата година. Иако со години важеше за еден од најблиските соработници на Груевски, „бомбите“ што во 2015 година почна да го објавува СДСМ упатуваа на тоа дека Ставрески лично не се согласувал со дел од политиките на тогашниот премиери лидер на ВМРО-ДПМНЕ.