Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ако Ковачевски има квалитетен и чесен договор за овие коридори ќе се појави на дуел и очекува одговор во најскоро време

Од партиска трибина во Битола, денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го предизвика премиерот Димитар Ковачевски на ТВ-дуел на кој ќе ги соочат аргументите и ставовите за договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
„Еве имам една јавна понуда до Димитар Ковачевски, самите велат дека се транспаренти, а бидејќи јавноста заслужува одговори, заслужува да знае како се трошат милијардите на народот, ајде да излеземе на дуел. Бегаш од избори, бегаш од соочувања на различни теми, ајде да излеземе на дуел, јас и ти очи во очи“,
повика Мицкоски.
Не мора, додаде тој, да зборуваме за „дебаклите во другите области“ туку само за договорот.
„Да дебатираме за историскиот договор или да бидам попрецизен за историска пљачка“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека ако Ковачевски има квалитетен и чесен договор за овие коридори ќе се појави на дуел и очекува одговор во најскоро време.
Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ не е против градење на овие коридори туку е против крадење.
„Она што го кажуваа за епски проект се претвора во епски криминал. Аванси и пенали од 301 милион евра кажуваат дека џебовите на власта се полнат додека оние на народот се празнат. Не сакам да генерализирам, но суровата реалност наметнува прашања: Со 300 милиони евра за аванси и пенали од Ковачевски и Груби за приватниот изведувач, колку само трикафти за болните од цистична фиброза ќе се набавеа, колку само клинички центри ќе се изградеа, колку само градинки и училишта ќе се направеа“,
рече Мицкоски.
Договорот со „Бехтел и Енка“ кој е таен и е тема на преписки помеѓу власта и опозицијата изминатиот период, треба да се презентира во Собранието пред пратениците кои имаат безбедносни сертификати. Од власта порачаа опозицијата да каже кога и во која собраниска комисија да се случи тоа, а од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не може некој да им го презентира договорот односно дека имаат право да го добијат на увид. За да се закаже комисија, како што велат, мора прво да го имаат материјалот.
*Поврзани вести: