Според „Евростат“, како што рече премиерот, потрошувачката кошница во земјава е најниска во Европа. Ако се спореди со потрошувачките кошници во регионот, нашата е пониска за разлика од таа во Албанија, Бугарија, Грција, Србија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот на Владата дека е подготвена за зголемување на минималната плата, но само како резултат на инклузивен социјален дијалог меѓу работниците и работодавачите.

Одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, посочи дека на државата како работодавач на 100 000 луѓе би ѝ одговарало зголемување на минималната плата, бидејќи така би имало поголеми приходи во буџетот.
„Владата е работодавач на 100 000 вработени, а државата има 705 000 вработени. Значи тие 600 000 ќе дојдат кај нас. Ако гледаме себично, тогаш можеме да кажеме од утре да се зголеми, но вели дека сме влада која во рамки на социјалниот дијалог ќе посредува меѓу работодавачите и работниците. Така што секој договор што тие ќе го постигнат, си стоиме на ставот дека ние како влада ќе го поддржиме“,
рече тој.
Според „Евростат“, како што рече премиерот, потрошувачката кошница во земјава е најниска во Европа. Ако се спореди со потрошувачките кошници во регионот, нашата е пониска за разлика од таа во Албанија, Бугарија, Грција, Србија.
„Ако некој европски просек е 100, потрошувачката кошница кај нас е на ниво под 75“,
кажа Мицкоски.
Посочи дека „Евростат“ има објавено за тоа колкава е куповната моќ на минималната плата за првата половина за годината, а анализирани се 27 земји во Европа, што ја имаат имплементирано минималната плата.
„Ние се наоѓаме на средината и сме далеку поконкурентни од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Албанија, и сме рамо до рамо со Грција. И единствена земја, која споредено – првата половина од 2025, со првата половина од 2024, куповната моќ на минимална плата има зголемување. Кај сите има или стагнација или намалување“,
вели премиерот.
Според него, ќе се појават коментатори на социјалните мрежи што ќе го исмејуваат ова што го кажува, додавајќи дека тоа се факти што ги објавува „Евростат“.
„Имаме избор, дали да веруваме на Тевдовски, Поповски и Јовановиќ, министри во владата на СДСМ за финансии кои ја прават минималната потрошувачка кошница, или на ‘Евростат‘. Граѓаните треба да изберат на кого ќе веруваат. Јас му верувам на ‘Евростат‘,
кажа премиерот.
Уште во јануари годинава премиерот рече дека минималната плата ќе биде таа што ќе ја договорат работодавачите и работниците.
