По прес-конференцијата на СДСМ, вели премиерот, се заинтересирал за случајот, по што добил уверување дека се е направено во согласност со законот и тендерската документација

Доколку постои каков било сомнеж за сторен криминал, СДСМ може веднаш да достави докази до нивните инсталации во обвинителството и тие, кои се уште функционираат слободно, можат да поведат истрага, рече премиерот Христијан Мицкоски за наводите на опозициската СДСМ дека договорот на Генералниот секретаријат на Владата со компанијата „Дигитал оне“, формирана лани и со двајца вработени, вреден осум милиони евра е шема за испумпување народни пари во приватни џебови.
Тој вели дека тие како влада стојат на располагање за расветлување на случајот, но притоа кажа дека мора да се забележи оти СДСМ на прес-конференција изнеле и груби клевети, нарекувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ криминалци, нешто што ќе треба да го докажат, а доколку не го сторат, да се извинат и да изгубат дополнителен кредибилитет.
„Наклеветија личност дека управител на таа фирма бил негов близок роднина, братучед и така натаму, што е апсолутна невистина. Димче Арсовски се обрати преку социјалните медиуми и ќе треба сега да докажат тоа што го тврдат претпоставувам преку судски процес. Многу пати во минатото СДСМ клеветеше. Мене лично многу пати ме клеветеше уште во времето коха бев во опозиција. И има судски пресуди, неколку, во коишто тие клевети и невистини се констатирани. За жал, до ден денеска СДСМ не се извини“,
рече Мицкоски.
На новинарско прашање, дали кога од дистанца би го набљудувал овој случај, кај него се вклучува „црвено светло“ имајќи предвид дека фирмата „Дигитал оне“ е формирана во август 2024 г., кога ВМРО-ДПМНЕ е веќе неколку месеци на власт, а притоа од денот на формирањето до денес добива шест договори за јавни набавки со владини институции, од кои четири со Генералниот секретаријат, Мицкоски вели оти тој не бил запознаен со тој случај бидејќи не ги следи јавните набавки и оти нема браќа бизнисмени за да го интересираат јавните набавки, ниту пак се занимава со такви работи.
Но, додаде премиерот, по прес-конференцијата на СДСМ се заинтересирал за случајот и се распрашал, по што добил уверување дека се е направено во согласност со законот и тендерската документација.
„Тој рамковен договор е од нула до таа максимална сума што сега вие ја споменувате. Значи може да биде и нула денари, а може да биде и сумата што вие ја споменувате (8 милиони евра, н.з.). Така што, јас апсолутно не гледам никаква, би рекол, незаконитост во рамките на таа набавка. Имало многу случаи кога дури и компании без вработени добивале тендерски постапки и така натаму, доколку тие биле по закон, тука ние ништо не можеме да сториме. Но, еве бидејќи вие рековте да ја запалиме ’црвената ламба’, јас го повикувам обвинителството уште денес да дојде и да отвори процес и да го истражи случајот“,
рече премиерот.
Од јавно достапните податоци, во Централниот регистар, на порталот на Бирото за јавни набавки и од други јавни информации, може да се дојде до сознание дека еден од вработените во „Дигитал оне“ е поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање и оти е инженер кој бил дел од комисиите што решавале за уништување на опремата со која било извршувано масовното нелегално прислушкување. Прашан дали слушнал за овие информации, Мицкоски одговори:

„Не сум го слушнал тоа. Но, знам дека тој случај за нелегалното прислушување заврши со одредена судска одлука во којашто некои луѓе ја напуштија државата, избегаа. Некои луѓе одлежаа. А некои добија политичка амнестија со промена на членот 353 од Кривичниот законик, злоупотребувајќи го европското знаме, претходната влада на СДСМ и ДУИ, кои позади тој процес на промена на Кривичниот законик и членот 353 имаа поинаква тенденција. На крајот од денот таа беше и политичка, којашто не успеа во насока во која тие се надеваа дека ќе успее“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека не знае зошто постои дискрепанца во вкупниот износ на рамковната спогодба сега и онаа за истата набавка склучена во 2022 година, што ја добила А1 Македонија, која била за два милиони евра пониска од сегашната. Дополнително, тој вели дека станува збор за лиценци и дека тоа е исто како ситуации кога меѓународни конзорциуми доделуваат право на фирми кои немаат вработени лица, а сепак добивале, добиваат и ќе добиваат јавни набавки.
„Вие морате со тие фирми да соработувате. Нормално, јас апсолутно еве, ќе се задржам на мојот став, го повикувам обвинителството веднаш уште денес да дојде и да направи истрага, да видиме дали е нешто погрешено, нешто незаконито направено, криминално. Ако е така, ние сме подготвени да сносиме одговорност“,
рече тој.
Премиерот го повика обвинителството уште утре да влезе и да го провери случајот и да го разјасни, оти како што кажа, најлесно е да се растураат пердуви кои потоа не можат да бидат собрани.
