Премиерот го советуваше Филипче дека ваквите изјави не се само лош политички пи-ар, туку се и сосема погрешни
Партизација на институциите, контрола врз судството и Обвинителството, притисоци врз медиумите и новинарите, етикетирање и напади врз неистомисленици, реваншизам во администрацијата и притисоци врз локалните власти, ограничена функционалност на Собранието, како и задолжување на државата без дебата, се одговорите што од СДСМ ги дадоа до Мицкоски образложувајќи зашто Владата е авторитарна

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја коментираше изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дадена во Атина, во која тој ја нарече македонската држава авторитарна. Мицкоски изрази жалење што лидерот на опозицијата има такво чувство, но ги демантираше неговите тврдења.
„Јас, па, напротив, мислам дека поголема слобода во општество, во оваа една година, којашто е и во медиумите, не постоела. Можеби треба да го прашате врз основа на кои критериуми, кои параметри, тој носи ваков заклучок. Но, јас не мислам дека тоа е така, дури и ако ги гледате извештаите од реномирани меѓународни институции, дури и од ’Репортери без граници’ ќе видите дека во рамките на слободата ние напредуваме. Ние назадуваме во рамките на рефлектирањето на лажни вести и обидот да се спинуваат одредени вистини“,
изјави Мицкоски.
Премиерот го советуваше Филипче дека ваквите изјави не се само лош политички пи-ар, туку се и сосема погрешни.
„Можам само да го советувам, која било изјава политичка, без разлика каква и да е, која доаѓа од некредибилна личност, посебно тоа што го рефлектира, не го чувствуваат граѓаните, ниту кој било друг, тогаш тоа му се враќа како бумеранг и не само што нема добар пи-ар политички за него, туку напротив сосема погрешно“,
додаде Мицкоски.
На одговорот на Мицкоски реакција испратија од СДСМ во која му даваат одговор на премиерот зашто Владата е авторитарна.
Партизација на институциите, контрола врз судството и Обвинителството, притисоци врз медиумите и новинарите, етикетирање и напади врз неистомисленици, реваншизам во администрацијата и притисоци врз локалните власти, ограничена функционалност на Собранието, како и задолжување на државата без дебата, се одговорите што од СДСМ ги дадоа до Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусијата „Прогресивен одговор на кризата на демократијата“, во рамките на втората Меѓународна конференција за демократија и социјална правда, организирана од Институтот „Алексис Ципрас“ во Атина ги сподели своите ставови за тоа како да се заштитат темелите на демократските општества, кои сè почесто се загрозени од дејствувањето на авторитарните режими.
„Мораме да ги потсетиме нашите традиционални гласачи – работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од нив гласаа за десните партии, затоа што се чувствуваа напуштени од нас“,
изјави Филипче.

Тој го посочи примерот со Македонија, каде што и покрај реалните вложувања и мерки за поддршка на работничките права, политиките не допреле до гласачите поради влијанието на хибридните инструменти што ги користат авторитарните режими.
„Тоа е парадоксот – ова е групата граѓани за кои направивме најмногу. Го зголемивме минималецот, обезбедивме социјална поддршка, но тие не ги препознаа придобивките од нашата политика“,
рече Филипче, додавајќи дека мора да се преземат конкретни мерки против овие хибридни закани.