Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ навива за Панди Јани од Пустец, кандидат за пратеник на листата за реонот на Корча на левичарската и опозициска ЛСИ
Неколку дена пред парламентарните избори во Албанија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика Македонците во оваа соседна земја да гласаат за Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), предводено од Моника Круеманди, на чија листа за регионот Корча е кандидат и Панди Јани од Пустец. Според Мицкоски, овој кандидат за пратеник најдобро ќе ги застапува интересите на Македонците во Албанија, ако биде избран за член на парламентот.
„Браќа и сестри Македонци, на овие избори партијата ЛСИ на Моника Круеманди за изборната единица во регионот Корча на својата листа го има Панди Јани од Пустец како кандидат за пратеник. Убеден сум дека Панди Јани, кој е млад и перспективен политичар со добра иднина, најдобро ќе ги застапува интересите на Македонците во Албанија. Панди Јани е одличен избор за сите Македонци, бидејќи партијата ЛСИ со својата програма, но и со делата што ги покажа во минатото за македонската заедница е најдобриот избор. ЛСИ и нејзините први луѓе секогаш се залагале за Македонците, затоа ги повикувам на овие избори да гласаат за ЛСИ во изборната единица во регионот на Корча“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
ЛСИ е левичарска партија, која пред петнаесетина години ја формира Илир Мета, сегашниот претседател на Албанија, по заминувањето од Социјалистичката партија, на чие чело сега е Еди Рама. ЛСИ, со 19 мандати, е во опозиција во овој парламентарен состав во Албанија и на овие избори настапува заедно со Демократската партија на Љузим Баша, а наспроти Социјалистичката партија на Рама.