Премиерот рече оти сметал дека со повикот за лидерска средба ќе покажат зрелост и широчина и оти тоа ќе биде можност за обединување на сите политички чинители кои имаат свои пратенички групи во Собранието околу прашања важни за напредокот на државата

Неодговорно, незрело, збунувачки и нејасно. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски го искоментира ставот на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, кој денеска соопшти дека одбива да учествува на лидерската средба на која повикува премиерот, и на која според најавите треба да се разговара за реформските закони и за укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред парламернтарни избори.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Гевгелија, премиерот рече оти сметал дека со повикот за лидерска средба ќе покажат зрелост и широчина и оти тоа ќе биде можност за обединување на сите политички чинители кои имаат свои пратенички групи во Собранието околу прашања важни за напредокот на државата.
Ставот на лидерот на СДСМ, кој денеска на прес-конференција рече дека не прифаќа укинување на техничката влада, Мицкоски го оцени како незрел и неодговорен, додавајќи дека тема на оваа средба не е предвидено да биде само Законот за владата, туку и други важни прашања.
Мицкоски рече дека ако тие како влада се однесуваат така незрело и неодговорно како што се однесува Филипче, тогаш воопшто немало да повикуваат на лидерска средба, бидејќи со 61 пратеник во парламентот можат да ја „избришат“ техничката влада и за тоа не им е потребно мислењето на опозицијата.
„Но, ние сакаме процесот да биде инклузивен и покрај тоа што имаме огромно мнозинство градоначалници, повеќе од 90 проценти се градоначалници коишто доаѓаат од владината коалиција, речиси двотретинско мнозинство во парламентот, така што ако сакавме да се однесуваме незрело и неодговорно како што тие се однесуваат, тогаш тоа можевме да го направиме и без таа лидерска средба“,
изјави Мицкоски.
Но, како што додаде тој, на средбата со лидерите на парламентарните партии сакал да поразговара и за законите што се дел од реформската агенда, меѓу кои се Изборниот законик, Законот за јавно обвинителство, како и уште четири реформски закони во делот на правосудството. Тука се, рече Мицкоски, законот за јавнообвинителска и судска служба, потоа за Советот на јавните обвинители и за Судскиот совет.
„Имаме многу закони за кои ценев дека треба во еден инклузивен процес да се разговара, иако, ќе повторам, нам апсолутното мнозинство ни овозможува и без консултации со опозицијата тоа да го правиме. Но, ете, за жал имаме неодговорна, неконструктивна опозиција, безидејна опозиција, којашто еве се служи со вакви квалификации, како што денеска ги слушнавме на прес-конференцијата на господинот Филипче“,
додаде Мицкоски.
Тој додаде дека ваквиот став на лидерот на СДСМ веројатно е дел од неговиот „менаџерски договор“ кој вклучува навреди кон Владата и одбивање вакви средби.
Мицкоски рече дека во текот на овие два дена формално ќе бидат испратени поканите, а средбата било планирано да се одржи на 14 јануари напладне во Клубот на пратеници.
Другите теми за кои Мицкоски рече дека сакале да разговараат се и за народниот правобранител, нешто што е содржано и во извештаите на Европската комисија.
„До скоро тие бараа лидерска средба, сега кога има лидерска средба ја одбиваат. Велат дека се за интегрирање на државата во Европската Унија, зборуваме за реформски закони, тие повторно бегаат од таа лидерска средба. Навистина едно збунувачко и нејасно однесување од страна на опозицијата, но тоа е што е“,
кажа премиерот додавајќи дека тие одбрале да тонат во своето опозициско политичко мочуриште.
На новинарско прашање дали оваа средба е најава за предвремени избори, Мицкоски рече дека таа тема е апсолвирана. Според него, граѓаните веќе јасно ја дале својата поддршка на минатите парламентарни и локални избори, па приоритет на Владата сега се реформите, а не нови избори.
Реакцијата на Мицкоски доаѓа по денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека нема да има средба за техничката влада откако вчера премиерот најави дека ќе упати покани до парламентарните политички партии за лидерска средба.
