И премиерот и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, кои денеска беа на одбележување на шестгодишнината од основањето на Агенцијата, не сакаа да навлегуваат во детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети
Инаку, изјавите на Мицкоски и на Христовски доаѓаат откако во петокот беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во периодот од 2019-2024 г.
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека и Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) „се занимавале“ со него, односно бил прислушуван во годините додека ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција.

Тој ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања во врска со известувањата што актуелното раководство на АНБ ги доставило до Јавното обвинителство, поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување на еден поранешен директор на Агенцијата и група вработени во оваа институција. Ова беше главното прашање што им беше упатено и на Мицкоски и на актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, на денешното одбележувањето на шестгодишнината од основањето на Агенцијата за национална безбедност.
И Мицкоски и Христовски не сакаа да навлегуваат во детали, бидејќи како што рекоа станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.
„Па, јас не би можел да зборувам за деталите, претпоставувам и директорот ќе го каже тоа, бидејќи тоа е државна тајна и така е класифициран тој документ, документи би рекол. Но едно е факт, дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и Аагенцијата за национална безбедност темелно се занимавале со, во тоа време, претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со новинари и со бизнисмени новинари. Така што еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите нормално во еден судски процес. Јас сум навикнат, еве истекува осмата година како сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигаа до нас информации што сè се случува“,
рече Мицкоски.
Премиерот рече дека станува збор за тип на луѓе, кои тој ги нарече полусвет, кои со тоа што го правеле мислеле дека ќе добијат некаква предност кај нивните работодавачи и дека така ќе напредуваат во своите кариери.
„Но, секоја работа има свој почеток, има и свој крај. Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото – зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тим на агенции и ресурсите со коишто тие располагаат“,
кажа премиерот.
Христовски: АНБ била само фасада од реформирана институција
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, пак, одговарајќи на новинарските прашања, рече оти слободно може да каже дека во 2019 г. АНБ била сè, само не реформирана институција.
„Повеќе било фасада на реформирана институција“,
рече тој.
За она што се случувало, не даде повеќе информации, но рече дека и тоа како имаат индиции дека еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата ја злоупотребиле својата службена положба и дека за тоа е известено надлежнот Јавно обвинителство.
„Детали за ова не би можел да споделам бидејќи се работи за детали кои, како што кажа и премиерот, се со висока класификација и се сензитивни и не би сакале, меѓу другото, да нарушиме некој законски процес, но воедно и да нарушиме процес кој е или би бил отпочнат од Јавното обвинителство. Можам да кажам дека јас овој ден повеќе го гледам како ден кога расксрстуваме со минатото, ден кога даваме порака до сите кои некогаш се дрзнале да ја злупотребат својата службена положба, повеќе да не го прават тоа. Се надеваме дека доколку се докаже вина кај тие за кои ние го имаме известено Јавното обвинителство ќе одговараат за тоа, и дека веќе никогаш нема да се повтори незаконско, непрофесионално и неетеичко работење во Агенцијата“,
рече Христовски.

Прашан за колкава група на луѓе кои биле прислушувани, следени, односно биле предмет на оперативна обработка станува збор, директорот на АНБ упати сите овие прашања да бидат насочени кон Јавното обвинителство.
Став на ОЈО ГОКК
А, надлежно Јавно обвинителство до кое од АНБ ги доставиле известувањата е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Оттаму, во одговор на новинарски прашања денеска излегоа со став дека известувањата ги добиле на почетокот на минатиот месец и дека во моментов се води предистражна постапка.
„Известувањата од АНБ за кои покажувате интерес се доставени до ОЈО ГОКК на почетокот на минатиот месец. Обвинителството веднаш отвори предмет по кој активно се постапува во насока на испитување на наводите од известувањата, што подразбира дека во моментов станува збор за спроведување на предистражна постапка,“
велат од ОЈО ГОКК.
Оттаму поосчуваат дека поради тајноста на предистражната постапка во моментов не можат да споделат детали за преземените и идните мерки и активности што ги спроведува надлежниот обвинител.

Инаку, како што објави „360 степени“ во петокот, три известувања што АНБ ги доставило до Обвинителството, како што велат оттаму, се резултат на внатрешна истрага спроведена по промена на власта во 2024 г., а се однесуваат на постапувања во периодот од 2019 до 2024 година.
Според информациит, внатрешната истрага во АНБ довела до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки на опозицијата, лидер на опозициска партија и група новинари и медиуми чија цел, според предметот, била уривање на власта.
Цел на друга обработка, меѓу другото, биле јавен обвинител и министер во тогашната влада. Било утврдено и намерно одолговлекување на безбедносни проверки, на пример, за еден пратеник на тогашната опозиција, во постапка за добивање безбедносен сертификат. Истрагата на АНБ утврдила дека во овие случаи противправно биле користени материјално-техничките ресурси на Агенцијата, а незаконски се спроведувало и следење на комуникациите.
Инаку, во посочениот период со Агенцијата за национална безбедност раководеа Виктор Димовски и Зарко Милошевски.