Тоа што пристигна од Стејт департментот, според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, е само потврда на криминалот и корупцијата што граѓаните ги чувствуваат
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека тоа што го соопшти Стејт департментот со ставањето на „црната листа“ на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ е само потврда на криминалот и корупцијата што сите граѓани во земјава ги чувствуваат.
Единствен кој го брани струшкиот градоначалник, вели претседателот на опозициската партија, е премиерот Димитар Ковачевски.

„Ова што пристигна од Стејт департментот е само потврда на тоа што ние го чувствуваме. Градоначалник и дел од највисокото раководство на ДУИ е ставен на таа црна листа поради тоа што тие имаат докази, барем јас така го сфатив она соопштение во јавноста, дека има голем криминал зад него, но и дека влијаел во судството и врз носење на судски одлуки. Единствен кој го брани Рамиз Мерко е Димитар Ковачевски, дури и самата ДУИ молчи“,
вели Мицкоски.
Тој порачува дека мора да се расчисти со мафијата, на што како ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат.
„Сè додека оваа мафија не ја исчистиме од корен на Македонија нема да ѝ тргне напред, нема да имаме надеж и континуирано Македонија ќе ни се празни и иселува. Како идна влада, влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, се обврзуваме пред граѓани дека оваа мафија во која идеално кохабитираат политичари и криминалци ќе биде во корен исчистена“,
рече Мицкоски.
Премиерот Ковачевски, пак, досега двапати го коментираше случајот со ставањето на Мерко на „црната листа“ на САД. Вчера рече дека истражните и правосудните органи треба да ги испитаат наводите, но и да се запрашаат како САД дошле до такви сознанија, но не и тие. Денеска, пак, рече дека доколку тој лично би се нашол на „црната листа“, не само што ќе си поднесе оставка туку тоа ќе го смета за најголем пораз во својата лична и професионална кариера.
*Други поврзани вести:
- Стејт департментот: Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција
- Агелер по одлуката на САД да го стават Мерко на црна листа: Ќе се бориме против секој кој го поткопува владеењето на правото
- Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не
- Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат пораките од САД по ставањето на Мерко на „црна листа“
- Мерко не е последен – на „црната листа“ на САД ќе се најдат имињата и на други лица од С Македонија, вели Агелер
- Судскиот совет влегува во Струшкиот суд, ќе проверува дали Мерко се мешал во судски постапки