„Aко мислите за таа норма од 20 проценти, многу пати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија за кој што треба да разговараме и за нормата „Бадентер“, за нормата „Балансер“ и да имаме еден фер систем во Македонија“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Ако се разговара за нормата 20 проценти, треба да се разговара и за нормите „Бадентер“ и „балансер“, вели претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање околу барањето на албанските партии со уставни измени албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот.
„Aко мислите за таа норма од 20%, многу пати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија за кој што треба да разговараме и за нормата „Бадентер“, за нормата „Балансер“ и да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или некаква си квота или некаков процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкурентни, имаат знаење итн“,
рече Мицкоски.
Мицкоски смета дека треба да се разговара за сите барања што се на маса и за, како што рече, еден нов договор за Македонија.
„Јас се надевам дека политичарите Албанци во Македонија нема повеќе да ги потценуваат граѓаните Албанци во Македонија и нема да ги третираат како процент, туку рамноправни како и сите други граѓани, па ќе седнеме ќе договориме конечно нормите „Бадентер“ и „балансер“ да бидат избришани и заедно со тоа сите останати работи за кои што барања се на маса, да разговараме за тој еден нов договор за Македонија“,
порача Мицкоски.
Тој рече дека условувањето на партиите на Албанците да дадат поддршка за евентуално внесување делови од народи во Уставот е непринципиелно и неевропско.
„Вие ако верувате во европската агенда, како што велат, треба да верувате безусловно, а не со услови. Тоа е суштината на тој процес. Вака како што е, под овие околности, под диктат, под ултиматум, нема да се согласиме како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да се промени преамбулата затоа што тоа ќе биде понижувачки за нас“,
вели тој.