Според него, СДСМ е подготвена кога било да настапи на парламентарни избори

Мицкоски е свесен дека толкав број на гласови и пратеници како што доби лани никогаш повеќе нема да добие затоа што луѓето дефинитивно се освестија. Ова е одговорот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче во однос на барањата на ДУИ за по локалните избори да има предверемени парламентарни, а кое „навивање“ од ВМРО-ДПМНЕ го одбиваат.
Филипче вели дека на средбите што ги имаат со граѓаните за време на кампањата за локалните избори постојано им било кажувано дека луѓето не се задоволни од владеењето на оваа власт.
„Гледаме дека нема ниту еден добар индикатор во земјава, нема ниту една категорија на граѓани што се задоволни од владеењето на оваа власт и тоа ни го кажуваат тие за време на средбите. Гледаме очигледни катастрофални економски индикатори“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Според него, СДСМ е подготвена кога било да настапи на парламентарни избори.
„Гледаме недоследност во изјавите на премиерот – еднаш ќе има, еднаш ќе нема предвремени избори“,
рече Филипче.
За потсетување, минатата недела Мицкоски изјави дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на годинашните локални избори, логично е да се оди и на предвремени парламентарни избори. Но, како што рече, за таа одлука нема да се водат од политичкиот, туку од интересот на државата.
Но, пред два дена, премиерот говорејќи за позитивните економски индикатори рече дека е жално тие да се прекинат со предвремени избори.
Тој вели дека ги разбира политичките партии кои освен поделби и националистички испади немаат друга програма, па единствена работа што можат да ја направат е да повикуваат на предвремени избори, но тој потврди дека оваа влада има полн легитимитет и тоа го поврза со ревидираниот бруто-домашен производ (БДП) за 2024 година од три проценти, за кој рече дека е еден од најголемите во Европа.
Денеска и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, рече дека по завршување на локалните избори нема да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи, како што кажа, коалициската влада е стабилна и одлично функционира, а нејзиниот мандат ќе трае до редовните парламентарни избори во 2028 година.
Николоски најави дека главниот фокус на Владата по изборите ќе биде ставен на, како што рече, „расчистување во судството и обвинителството“ и на воспоставување одговорност за сите кои ја злоупотребиле власта од, како што ја нарече, „црната коалиција на СДСМ, ДУИ и Левица“.