Според него, вознемирува тоа што таа негова омраза кон Албанците се проектира и меѓу граѓаните, но додаде дека нема да дозволи така да биде во Чаир, каде што се кандидира за градоначалник
Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по природа е албанофоб и ги мрази Албанците, рече денеска кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) на денешната прес-конференција, промовирајќи го механизмот „Граѓанско око“, наменет за искоренување на корупцијата во општината.

Ова Османи го кажа одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за дел од синоќешниот говор на Мицкоски, на партискиот митинг на првиот ден од изборната кампања, во кој ја критикуваше Демократската унија за интеграција (ДУИ) и нејзиниот лидер, Али Ахмети, на кого, пак, му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.
„Не сум изненаден од вчерашната изјава на Мицкоски по однос на неговата мисија да ја исчезне од политичката сцена ДУИ. Мицкоски по природа е албанофоб, тој ги мрази Албанците. Во неговиот тим нема ниту еден Албанец. Кога патува надвор од државата, не зема Албанци. Го укинува ’балансерот’ зашто сака да ги тргне од институциите. Го укинува албанскиот јазик, зашто му пречи, не сака да го види во документите. Тоа е посилно од него“,
рече Османи.
Според него, вознемирува тоа што таа негова омраза кон Албанците се проектира и меѓу граѓаните, но додаде дека нема да дозволи така да биде во општината каде што се кандидира за градоначалник.
„Нема да дозволам таа омраза да влезе во Чаир, оти тука соживотот ни е свет. Ако Мицкоски го укинува ’балансерот’, јас ветив дека ќе правам фонд за правична застапеност за заедниците во Чаир, бидејќи Албанците се тука мнозинство и мора ние да пристапиме и да им помогнеме на помалите заедници. Ако го укинува албанскиот јазик, тука ќе правиме одделение за јазици, не само за македонскиот и албанскиот, туку и за босанскиот, турскиот, па и за ромскиот јазик“,
вели тој.
Посочи дека Чаир ќе остане оаза на соживотот, во ова невреме кога носителите на функции се обидуваат да го поткопаат најсветото што го имаме, а тоа се соживотот и меѓусебното почитување.
ОД ДУИ денеска реагираа на дел од синоќешниот говор на Мицкоски, во кој тој ги критикуваше ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, кому му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.
Според партијата, Мицкоски со кажаното синоќа, како што велат, јасно ја открил својата политичка опсесија за контрола врз албанската сцена во Македонија.
„Неговата најнова изјава, во која зборува за ‘политичко пензионирање’ на лидерот на Албанците, Али Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците. Само пред неколку дена, тој изјави дека целта на овие избори е елиминацијата на ДУИ од политичката сцена на земјата, и со тоа го потврди она за што предупредувавме со месеци: Мицкоски не бара само изборна победа, туку доминација врз Албанците и обид за контрола на нивното претставување“,
велат од ДУИ.
Мицкоски вчера му порача на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека по овие избори ќе оди во политичка пензија.
Жестоката реторика што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си ја разменуваат одвреме-навреме, почна да добива на интензитет со почетокот на кампањата на локалните избори закажани за 19 октомври.