Наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, вели Мицкоски
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја повикува владејачката партија ДУИ да застане зад интересите на Македонците, со тоа што од неа бара да ја поддржи резолуцијата за „црвените линии“ во спорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието.
„Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава“,
вели Мицкоски во интервју за Вечер.
Тој додава дека не треба да се гледаат интересите на соседите од другите држави, туку политичките лидери треба да се залагаат за интересите на сопствената држава.
„Наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ. Жалам што тој човек што ја даде таа изјава, дека резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи“,
вели Мицкоски.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, рече дека потребно е усогласување на текстот на резолуцијата меѓу сите парламентарни партии за да се осигурат дека тоа не му наштетува чекорењето кон ЕУ.
„Не треба да правиме нешто што ќе биде спротивно на ЕУ-интеграцијата. ДУИ смета дека јазичниот, историскиот и културниот идентитет не е прашање за дискусија и не е прашање за политичко договарање. Следствено, цениме дека е потребно усогласување на текстот на резолуцијата помеѓу сите парламентарни партии и да се осигуриме дека тоа не му наштетува на нашето чекорење кон ЕУ“,
рече Адеми.
Наспроти воздржаноста на ДУИ за резолуцијата, за која ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека се базира на „Македонскиот манифест“ на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА, од СДСМ соопштија дека ја прифаќаат иницијативата на опозициската партија, единствено со забелешка дека таа треба да биде усогласена со Уставот, наместо да се користи старото уставно име на државата.
Дека има разминување во позициите меѓу владејачките партии во однос на резолуцијата што ја покрена ВМРО-ДПМНЕ посочи и Халил Снопче, од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива.
„Има еден проблем. Имавме изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека оваа резолуција им штети на меѓународните тенденции на земјата, но исто така имавме и изјава на пратеникот од СДСМ Костадинов дека оваа резолуција е добра. Логично би било партиите на власта да имаат заеднички став“,
рече Снопче.