Опозицискиот лидер уште еднаш повтори дека неговата партија нема да даде поддршка за уставните промени, со цел вклучување на бугарскиот народ во Преамбулата
Во врска со референдумот едната опција е со 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, другата се потписите или и двете. Консултациите се уште траат. Повеќе време ќе се посвети во консултации со уставни експерти за референдумското прашање, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во дневникот на телевизија Сител, зборувајќи за билатерланите проблеми со Бугарија и референдумот за уставните измени кој опозицијата од порано го предлага.
Според Мицкоски изворот на сите проблеми со Бугарија е договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
„Ние треба да го локализираме изворот на проблемот, а ова е токму тоа – договорот кој што го има Република Македонија потпишано со Република Бугарија, тој август месец 2017-тата година. Од тој договор практично потекнуваат сите проблеми, бидејќи ние и тогаш реагиравме како политичка партија и како луѓе дека е избрзан и дека тој договор практично не е решение, туку напротив ќе претставува проблем што потоа низ годините се виде дека е проблем“,
изјави Мицкоски.
Опозицискиот лидер уште еднаш повтори дека неговата партија нема да даде поддршка за уставните промени, со цел вклучување на бугарскиот народ во Преамбулата.
„И има поедини размислувања во јавноста околу тоа дали ќе има промена на Уставот или ќе нема, еве и Пендаровски тоа го констатира конечно тоа што јас го најавив, а тоа е дека во моментот под овие околности ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на промена на Уставот, а со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата“,
нагласи Мицкоски.
