Гостите беа информирани и за високото ниво на корупција во државата, за криминалот но високите ешалони во владата на СДС и ДУИ, како и за катострофалните политики во секој сектор во државата, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ






Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево во партиското седиште ги прими министрите за Европа на Германија, Франција и Полска, кои се во официјална посета на земјава.
На средбата, како што соопштија од партијата, домаќините истакнале дека недвојбено се залагаат за членство на Македонија во Европската Унија – со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности, но и дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството се неприфатливи.
„Улогата на соседите треба да биде улога на поддршка на нашите европски интеграции, а не негирање на македонскиот национален идентитет. Опозицијата воопшто не беше вклучена во преговорите кои резултираа со ултиматуми и барања кои отстапуваат од европските вредности и принципи. Оттука, за да се заштити процесот на пристапување од билатерализација, односите мора да се базираат на Копенхашките критериуми со взаемна почит, поддршка и соработка. Гостите беа информирани и за високото ниво на корупција во државата, за криминалот на високите ешалони во владата на СДС и ДУИ, како и за катастрофалните политики во секој сектор во државата“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Високите владини функционери на Франција, Германија и на Полска заминаа на средба со Мицкоски, откако претходно на прес-конференција порачаа дека се дојдени да ѝ оддадат признание на земјава за досегашните напори за членство во ЕУ, но и да повторат дека продолжувањето на патот кон Унијата е невозможно без уставните измени.
На новинарско прашање – како ќе ја разубедат ВМРО-ДПМНЕ, која се противи на уставните измени, германската министерка за Европа, Ана Лирман рече дека со нетрпение ја очекува средбатa и со опозицијата.
„Сите членови на опозиција ќе ги прашам каква е нивната идеја за иднината на земјава, дали навистина сакаат земјава да ја пропушти оваа уникатна можност да се приклучи кон оваа заедница на просперитет, на ЕУ, и јасно е дека возот на процесот на пристапување и проширување се движи многу бргу, а Северна Македонија не се движи со уставните измени и ќе го пропушти возот. Навистина знаеме колку беа посветени луѓето кон процесот на пристапување, така што, мојот аргумент е многу јасен. Јас сум многу посветена Европјанка и многу сум уверена дека Северна Македонија ќе стане посилна во ЕУ“,
посочи таа.
За „Вајмарската тројка“, 2030 година е реална цел за членство на Северна Македонија во ЕУ. Но, порачувааат – сега е моментот да се преземе одговорност.