Однесувањето на СДСМ и на Венко Филипче, според Мицкоски, ја покажува нивната потценетост кон народот. Додаде дека вистинскиот ефект од нивното однесување ќе се види на претстојните локални избори, кога народот ќе го каже своето мислење за нивните непроменети лаги
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Велес во рамки на кампањата за локални избори рече дека наместо да се натпреваруваат во идеи и проекти, нивните политички конкуренти сакаат да наметнат натревар во црна пропаганда, обвинувања, лаги и паушални изјави и квалификации.

„Потрошивме часови, денови да изработиме програма. Се консултиравме со народот, побаравме да работат експерти и го планиравме секој денар што ќе го употребиме во решенија и проекти. Наместо тоа, од другата страна не видовме програма, туку клевети, заговори за личности, подземни игри. Никаде не излегоа со програма, туку голи ветувања за среѓа, живот и црвени линии, што всушност не се линии, туку подарок за Бугарија“,
кажа тој.
Според него, СДСМ кулминацијата ја достигна вчера, од Струмица, кога нејзиниот лидер Венко Филипче во присуство на неговиот гуру, говореше за морал и етика.
„И додека тоа го зборува, луѓето се чудат и со неверување го слушаат човекот чиј гуру беше во првите редови како зборува за чесност, за владеење на право, како зборува за морал и етика во политиката“,
вели Мицкоски.
Однесувањето на СДСМ и на Венко Филипче, според Мицкоски, ја покажува нивната потценетост кон народот. Додаде дека вистинскиот ефект од нивното однесување ќе се види на претстојните локални избори, кога народот ќе го каже своето мислење за нивните непроменети лаги.
„Имаме едно прашање до него. Дали е свесен што зборува, каде се наоѓа и што мисли народот за овие негови изјави? Него нема потреба народот да го мрази, ниту да го презира, бидејќи откако ми порачаа дека штосно би било во кампањава да ме исецкаат на парчиња и да ме спакуваат во куфери, излезе Венмо да каже дека не ме мразеле, туку ме презирале. Народот господине Венко Филипче, ниту има намера да те мрази, ниту да те презира, но со оглед што си направил против народот и државата, без ронка срам излегуваш пред него и се правиш како ништо да не било, народот може едноставно само да се чуди, до каде си дотерал и како е можно ваков феномен да постои. Човек кој го потценува својот народ, продавајќи се како некое ново лице, додека сите го знаат. И му се чудат“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Упати на последните анкети, според кои ВМРО-ДПМНЕ во кампањата не само што има пораст, туку последните анкети во крајот на втората недела од првиот круг кампања достигнуваат однос 4:1.
„А овде во Велес и повеќе“,
кажа Мицкоски.
Мицкоски упати порака за масовна излезеност на 19 октомври и поддршка за кандидатот за градоначалник, Марко Колев, за развој на општина Велес.
„Вистинскиот избор за Велес е Марко Колев. Човек кој покажа и докажа како се сака и како се бори за својот град, Марко се бори за секој еден проект, човек кој сум убеден дека следните четири години ќе ја продолжи ренесансата која се случува во Велес овие четири години“,
кажа лидерот на владејачката партија од Велес.