„Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10 ќебапи има притвор со месеци? Во ништо од ова нема професионално, туку само криминално“, рече Мицкоски во Богданци
Луѓето кои ги направија предавствата на државата, кои менуваа име и Устав и кои изнесуваа милиони надовр од неа, повторно се обидуваат да го лажат народот, а нивната лагодност е во тоа што знаат дека имаат чувари во судството и обвинителството. Притоа лидерот на СДСМ се изјаснува во јавноста дека 2 отсто доверба на граѓаните во судството за него е професионално. По локалните избори, потребен е ресет на системот, порача денеска од Богданци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Нивната лагодност се должи и на фактот што имаат чувар во обвинителството и судството, кои се, пак, последниот бастион на оваа наша длабока држава. Го слушав внимателно вчера Венко Филипче како говори дека тоа судство и обвинителство е професионално. Замислете, ова судство и обвинителство со два процента рејтинг било професионално. Тоа што повеќе од 100 пријави ги држат во фиока, тоа што ќутат и молчат за плацовите, вилите, за бизнисите со државни тендери, за вакцините од Кина, не ги прави професионални, туку напротив, ги прави криминални“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека определувањето куќен притвор на сопственикот на „омилената фирма на СДСМ и ДУИ“, Марковски, кој е осомничен за криминал од сто милиони, е криминален, а не професионален чин.
„И додека ова Филипче го говори, во истиот момент, во исто време, судот на сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, кој парче направи во РЕК, за сомнеж за криминал од сто милиони, му доделија куќен притвор. Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10 ќебапи има притвор со месеци? Во ништо од ова нема професионално, туку само криминално“,
посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски нагласи дека по локалните избори, на државата ѝ е потребен целосен ресет, и оти само на тој начин ќе обезбеди иднина.
„И од тоа бегате упорно затоа што знаете дека после овие избори, лично ќе се позанимавам со правдата која за сите оние што се огрешиле е недостижна. И тоа мора да се смени, затоа што на Македонија повеќе од сè досега ѝ треба ресет на системот и не само во судството и обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Ресет на вредностите кои ги газат и на сфаќањата кои мораат да ги променат. И само така сите ние, заедно, ќе обезбедиме иднина каква заслужуваме, целосно свесни дека ова е најважната битка на нашата генерација, која мораме да ја победиме“,
заклучи Мицкоски.