Мицкоски вели дека на Македонија ѝ е потребен „ресет на системот“ и дека правдата мора да биде право на секој граѓанин, а не привилегија
Претходно Мицкоски беше на митинг и во Гостивар од каде го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јавно да се изјасни за својот политички „ментор и гуру од Струмица“, обвинувајќи го за лицемерие и тајна соработка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на народниот митинг во Тетово, го прозва лидерот на ДУИ, Али Ахмети обвинувајќи го дека неговото 20-годишно владеење довело до масовно иселување и пад на бројот на ученици, вклучувајќи ги и Албанците.
Мицкоски порача дека нема да одговори на национал-романтичарската реторика на Ахмети, туку ќе зборува со факти за „суровата реалност“ што ја донел тандемот ДУИ-СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше бројки, нагласувајќи дека за една деценија има 27 илјади помалку ученици во Македонија.
Тој претстави податоци за падот на населението, гледано низ млади ученици кои ја напуштиле државата поради иселување велејќи дека тие во Липково се 40 отсто, Теарце-37, Боговиње-37, Гостивар-35, Кичево-36, Тетово-18.
„Ова е суровата реалност којашто ја донесе Али и неговото учество, повеќе од две децении во Владата. Скапо Македонците и Албанците ја плаќаат нивната неспособност“,
рече Мицкоски.
Тој ги повика тетовци да го „издигнат градот над она мочуриште политичко“ и да изберат луѓе кои работат и испорачуваат, а не само зборуваат.
Мицкоски вели дека на Македонија ѝ е потребен „ресет на системот“ и дека правдата мора да биде право на секој граѓанин, а не привилегија.
„Време е да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо. Судии кои судат според закон, а не според влијание“,
рече Мицкоски.
Претходно Мицкоски беше на митинг во Гостивар од каде го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јавно да се изјасни за својот политички „ментор и гуру од Струмица“, обвинувајќи го за лицемерие и тајна соработка.
Мицкоски тврди дека Филипче се срами да каже и е лицемерен, бидејќи, како што рече, едно зборува во јавноста, а истовремено „глуми и одработува и кова заеднички планови“ со неговиот претходник.
„Го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру, дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија. Нормално не очекувам да даде одговор којшто сите ние добро го знаеме граѓаните“,
истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека на овие избори граѓаните треба да одлучат кому му веруваат, кого го препознаваат како свој и кој не се крие кога треба да се одговори.
Повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври масовно да излезат и да го заокружат бројот 9, Мицкоски порача дека борбата не е само за една општина, туку за иднината на целата земја.
„Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија. Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин“,
рече Мицкоски.
На митингот се обрати и пратеничката Дафина Стојаноска, која порача дека ВМРО-ДПМНЕ повторно почнува да гради од темел онаму „кај што другите оставиле пепел“.
Таа ги критикуваше политичките противници од Левица.
„Морав да го кажам ова за нив – за гостиварчани да знаат дека Димче не е патриот, туку е платеник кој одработува туѓи агенди. Одработува за Али и гласот за Димче во Гостивар е глас за Али“,
рече Стојановска.