Во интервју за емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, премиерот рече дека одредени поединци во Владата, но и во дел од владините институции не се вложуваат доволно или се однесуваат несоодветно
Премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи за функционирањето на Владата, рече дека има дилеми за дел од функционерите, но и поединци во дел од владините институции во врска со тоа дали го даваат својот максимум во работата. Во интервју за емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, Мицкоски рече дека одредени поединци не се вложуваат доволно или се однесуваат несоодветно.

„Јас се будам и заспивам со една мисла – дали даваме сè од себе, дали сите даваат сè од себе. Кај поединци имам дилеми и кај тие што имам дилеми и задршка ги опоменувам бидејќи имам чувство дека можат повеќе да дадат – и во рамките на Владата и во рамките на институциите што се дел од Владата. Ние немаме право на реприза. Едноставно, нема повеќе простор за импровизации и за репризи. Мора мора да се испорачува и мора да се даде повеќе од што можеме за да дојдеме до состојба на консолидирање“,
изјави Мицкоски во интервјуто.
Премиерот не откри дали поединците од кои не е задоволен се кадри на неговата матична ВМРО-ДПМНЕ или се дел од коалициските партнери во власта. Во интервјуто посочи дека власта не ветува чуда, но дека дека ќе даде сè од себе за да го исполни ветеното, макар и работела седум дена во неделата по 12, 13 или 14 часа.
„Тоа е начинот на кој мора да функционира оваа влада. Тогаш кога народот ќе види дека го оставате срцето на терен, тогаш ќе ви прости сè. Ако видат дека вие се однесувате надмено, не одговарате на пораки кога ќе ви пратат, колку и тие пораки да ве оптоваруваат, колку и тие пораки за вас да се бесмислени, ако вие не им вратите, не посветите внимание, не се поздравите, не стегнете рака на улица, тоа нема да ви го простат никогаш“,
додава премиерот.
Мицкоски пред два дена потврди во мај или јуни годинава ќе се случи најавената реконструкција на Владата.
