За Оливер Андонов, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, нема зошто да го губи време за да го коментира
Откако поранешниот технички министер за внатрешни работи Оливер Андонов најави иницијатива за промена на Христијан Мицкоски од претседателската функција на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот партиски лидер не сакаше да ја коментира конкретната иницијатива, но рече дека во партијата нема фракции.
Како што рече Мицкоски, го менувале од првиот ден кога станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а партијата е сè пообединета.
„Кого? Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е сè појака, пообединета, посплотена. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам“,
рече Мицкоски.
Андонов, пак, претходно со неколку партиски членови излезе на прес-конференција пред белата палата велејќи дека време за промени и за вистински личности со интегритет.
„Мицкоски е во потполност истрошен политички. Сега се исполнети сите услови, ова е желба на членството и многу луѓе велат време е. Не очекувам дека сега Мицкоски ќе даде оставка, тој нема да даде оставка сега, тоа ќе го стори кога ќе биде доведе под притисок на членството“,
рече Андонов во дел од неговото обраќање.