Мицкоски рече дека жали што пратениците од нашиот источен сосед настапуваат со ваква реторика, која го враќа времето на живковизмот

Во пресрет на извештајот за напредокот на Македонија, кој ќе биде презентиран во Европскиот парламент од страна на известувачот Томас Вајц, бугарски европратеник со амандман ќе се обиде да го дефинира македонскиот идентитет и јазик како сегашен, а не како што Вајц има наведено – многувековен.
Ова го посочи премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека жали што пратениците од нашиот источен сосед настапуваат со ваква реторика, која го враќа времето на живковизмот.
Мицкоски додаде дека Владата нема да реагира со остра реторика, туку ќе изрази жалење и ќе се повика на добрососедски односи, како што тоа го прават европските земји.
„Она што повеќе мене ме загрижува е обидот на еден европратеник, којшто доаѓа од владејачката ГЕРБ, да вметне амандман во којшто македонскиот идентитет ќе го дефинира како ‘present’ на англиски, или сегашен, со што јасно ја вади на површина политика на живковизмот, којашто за жал е сè уште жива кај политичарите во Софија“,
изјави денеска Мицкоски.
Според премиерот, ова покажува дека на Софија не ѝ е важно граѓаните на земјава кои велат дека се дел од бугарската заедница да бидат дел од Преамбулата, туку се бори за целосна асимилација.
Мицкоски ги повика европратениците внимателно да ги слушаат пораките од Бугарија.
„Јас ги повикувам политичарите во Брисел внимателно да слушаат какви пораки ќе доаѓаат од нивните колеги европратеници и какви пораки ќе доаѓаат од официјална Софија во 21 век и дали тоа има некаква врска со европските вредности. Суштината е асимилација, исто како што во пописот 56-та година во соседна Бугарија постојат скоро 200 илјади Македонци, а во пописот 65-та, едвај 9 илјади“,
рече Мицкоски.
Инаку, бугарските пратеници со 194 гласа „за“ ја поддржаа резолуцијата за евроинтегративните процеси на Македонија, со која Софија испраќа порака дека за Македонија нема да има план Б доколку не го почитува Договорот.