Премиерот истакна дека иако е добро институциите да го почитуваат рокот, тие што ќе достават налози по 15 декември нема да бидат одбиени

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека Буџетот е празен и дека трезорот се затвора на 15 декември, нагласувајќи дека државната каса е ликвидна и сите тековни обврски се извршуваат.
Мицкоски објасни дека 15 декември е поставен како рок за институциите да ги достават сите тековни расходи, а не како датум за затворање на трезорот. Целта е, вели тој, исплатите да се завршат навреме и да не останат незавршени обврски кои би се книжеле во следната година.
„Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите институции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите“,
изјави премиерот по посетата на реконструираната полициска станица во Бутел.
Премиерот истакна дека иако е добро институциите да го почитуваат рокот, тие што ќе достават налози по 15 декември нема да бидат одбиени.
„Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред“,
рече Мицкоски потсетувајќи на минатогодишното искуство кога поради доцно поднесување, дел од обврските останале недовршени.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски потврди дека ќе има исплата на К-15 за вработените во јавната администрација и годинава, согласно закон.
Премиерот ги нарече обвинувањата на СДСМ дека Буџетот е празен како „небулозни, невистинити и неточни“, оценувајќи дека тоа е обид за креирање страв и паника кај граѓаните со цел да се добијат краткотрајни политички поени.
„Ликвидносно е затворен буџетот, сите потреби се обезбедени и покрај тоа што имаме наследени долгови. Ние, не само што ги исполнуваме тековните обврски, туку ги санираме штетите од нивното седумгодишно уништување на државата“,
нагласи Мицкоски.
Тој заклучи дека „дневниот пи-ар од денес за утре, обид да се нанесе паника“ им се удира од глава на опозицијата, бидејќи, како што рече, за среќа на граѓаните, сите обврски тековно се завршуваат.
Мицкоски изрази надеж дека тој „неславен период од 7 години“ нема да се повтори и дека многу скоро, со одредени промени во Обвинителството, ќе има и одговорност за, како што рече, „политичко потпросечни медиокритети кои ја уништуваат државата“.
Денеска, СДСМ на прес-конференција на која ја обвинија власта за носење „мигранти за пари“ рекоа дека тоа се прави затоа што во „буџетот нема пари, а за првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот“.
