Според него, датумот на изборите ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, а кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение, тогаш ќе може да почнат роковите за реализација на изборите

Предлогот на Христијан Мицкоски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој упати порака за одржување на двојни избори меѓу двата најголеми верски празника идната пролет, премиерот Димитар Ковачевски го оценува како замена на тези.
Тој денеска рече дека ВМРО-ДПМНЕ веќе две години зборува за предвремени избори, но тие никако да се случат.
„Мислам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прави замена на тези. Тој зборуваше дека ќе има предвремени избори, јас зборував дека ќе има редовни избори. И на крајот ќе имаме редовни избори, што значи она што јас сум го зборувал останало како такво од првиот ден кога разговаравме за изборите. ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваше на секои три месеци само што не се случиле предвремени избори, кои де факто и де јуре не се случија“,
посочи Ковачевски.
Според него, датумот на изборите ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, а кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение, тогаш ќе може да почнат роковите за реализација на изборите.
„Во однос на самиот датум тој ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, како и секогаш досега што бил договорен. Тој процес ќе биде во наредните недели и месеци отворен и кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение за сите, тогаш ќе може и да почнат роковите за реализација на изборите. Ние секако ќе имаме избори со оглед на законските и уставните обврски и мандатот на сите избрани функционери во Собранието и претседателот на државата“,
заклучи Ковачевски.
Според него, работните групи за дискусија за одржување на изборите секогаш биле водени во Собранието каде што, како што вели, се застапени сите парламентарни партии, без разлика дали се дел од власта или дел од опозицијата.
Инаку, Мицкоски пред два дена му порача на Ковачевски да земе бел лист хартија и да напише кој било датум помеѓу двата најголеми верски празника идната пролет.
„Да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок“,
додаде тој.
Порача „обновата ќе дојде, а промените ќе бидат онолку силни колку што ќе биде силна поддршката“.
Како што оцени Мицкоски, „оваа влада, преку одбегнување да се договори датум за избори, оди кон свесно предизвикување уставна и политичка криза“.
„Срамота е што преку медиуми се договараме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зашто ниту министрите, вицепремиерите и кај него во партија му имаат почит. Затоа е оддаден на шетање по светот и компаниите. Но, мора да се договори датум за редовни избори. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот. Народот треба масовно, во огромен број да им ја прати пораката на овие избори – нема играње со народот. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени. Заветот на Организацијата и поинаквите цели кои мора да ги оствариме се да ја кренеме Македонија на здрави нозе“,
истакна Мицкоски.