Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Собранието не функционира, затоа што мнозинството нема доволен број пратеници за да може да спроведува политики
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во гостување на Алфа, ја повтори оценката дека е време да се формира влада на национален спас . Тој ја потврди и можноста за коалицирање со Алијансата за Албанците и Алтернатива и кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да утврди кандидати за дополнителните избори во Пласница и во Штип.
„Единствено нешто што преостанува е овие неспособни Монти пајтон политичари да ги напуштат тие позиции и да дојдат луѓе кои што знаат да се справат со предизвиците. Бидејќи се плашам дека ако поминат уште неколку месеци ние ќе влеземе во ситуација од која што нема да можеме да се вратиме за брзо време назад. Државата ќе ни се испразни“,
нагласи Мицкоски.
Тој оцени и дека Собранието не функционира, затоа што мнозинството нема доволен број пратеници за да може да спроведува политики.
„Затоа повикавме, како и да ја наречеме оваа влада – техничка, влада на национален спас, широка влада… да направиме нешто што ќе им даде доверба на граѓаните – дека некој води сметка. На луѓето им е преку глава од евтини политички трикови, вулгарности во рамките на парламентот или на социјалните мрежи. Луѓето сакаат да видат стратегија и визија тоа што денеска не го гледаат како потенцијал,
потенцира Мицкоски.
Тој, исто така, рече дека има добра основа за идна коалиција со албанските опозициски партии за редовните локални избори.
„Природата на нештата ги поврзува политичките партии. Станува збор за десноцентричарски и конзервативни политички партии и логично е дека и идеолошки, но и на ниво на политичка програма, има сериозен простор за соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива“,
истакна Мицкоски.
Од друга страна, Мицкоски соопшти дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ и формално донесе одлука да не учествува на дополнителните избори за градоначалници во Штип и во Пласница.
Извршниот комитет на партијата одлучи да не му предложи на Централниот комитет кандидати за градоначалници, затоа што, според Мицкоски, ниедна политичка кариера, а најмалку онаа на Заев и Бочварски, не е поважна од здравјето на граѓаните.
„Имајќи ја предвид оваа апокалиптична состојба со ковид-19 за нас претставува вистинска лудост ВМРО-ДПМНЕ да ја легитимира оваа егзибиција на Зоран Заев и на СДСМ. Напротив, треба да ја осудиме, затоа што свесно се втурнуваат човечки животи во една апокалиптична ситуација“,
потенцираше Мицкоски.